Иако законски не е така регулирано, протестите се суштинска форма на општокорисна работа. Учесниците во нив не треба да бидат казнувани, велат соговорници на ДВ
Не плаќајте казни, прифатете општокорисна работа, бидејќи демократските протести во својата суштина се токму тоа. Ќе продолжиме да протестираме за општа корист. Вакви повици стигнуваат до јавните личности кои деновиве „по список“ се повикуваат на информативен разговор во полицијата, поради наводни прекршоци извршени за време на протестите на „шарената револуција“, се посочува во анализата на DW.
Претседателот на Хелсиншкиот Комитет (ХК), Гордан Калајџиев, поради фрлање боја на еден од објектите на „Скопје 2014“ се соочи со казна од 50 евра во денарска противвредност или со извршување општокорисна работа. Денеска по информативниот разговор во 9 часот, можеби пред сличен „избор“ ќе бидат ставени и директорката на ХК, Уранија Пировска и професорката Мирјана Најчевска. Од #Протестирам најавија поддршка за нив во 8.45 часот пред полициската станица „Беко“.
Во согласност со Правилникот
Според Правилникот на Управата за санкции, „општокорисна работа се извршува во државни органи, јавни претпријатија, установи, единици на локална самоуправа и во други субјекти, во кои може да се оствари нејзината цел. Таа треба да биде хуманитарна, еколошка, комунална и во корист на општествената заедница“. Учесниците во „шарената револуција“, тврдат дека протестите ги исполнуваат сите овие услови – и според целта, и според маршрутата до конкретните државни институции.
„Учесниците во протестот се борат за хумано општество, за еколошки исчистено од криминал и корупција, а притоа комунално го разубавуваат градот од неокласицистичкиот кич во кој западнаа неговите фасади“, велат од #Протестирам.
Аналитичарот Суад Мисини деновиве го истакна примерот со новинарка од Азербејџан, казнета со извршување општокорисна работа – метење на јавно место, со цел јавно да биде понижена поради нејзината критичка опсервација на власта. На тој чин, интелектуалната јавност одговорила со тоа што масовно и се придружиле во извршувањето на „општокорисната работа“. Обидот јавно да биде понижена, не ја постигнал целта. Напротив – станал предмет на масовно иронизирање на таквата казна.
„Да, и протестите, колоквијално, би можеле да се сметаат за работа во општа корист“, вели професорот по филозофија, Љубомир Цуцуловски.
„Особено ако се насочени против статус-кво кое е лошо, од една страна, и од друга страна, ако се исцрпени најголениот дел од можностите постоечката ситуација да се промени низ институциите. Иронично кажано, тие ја вршат својата општокорисна работа, макар што законски не е така регулирано. Инаку, казнувањето за протести во кои е предизвикана одредена материјална штета, не е непознато и за земји со висок степен на демократија“, вели Цуцуловски.
Kако пример за тоа го посочува случајот со Чарли Гилмор, син на гитаристот на „Пинк Флојд“ ,Дејвид Гилмор. Овој студент од Кембриџ, во 2011 година бил осуден на казна затвор во траење од 16 месеци за насилничко однесување на демонстрации во Лондон, бидејќи го искинал националното знаме закачено на споменикот на британските жртви од војните. Ослободен бил по четири месеци, со обврска половина од вкупната казна да ја помине во домашен притвор.
„Младиот Чарли бил казнет, без оглед што неговиот татко беше прогласен за ‘сер’ од британската кралица. Но, тоа не значи дека таквата практика треба да се применува и кај нас. Се што доаѓа од Западот не значи по автоматизам дека е во ред“, смета Цуцуловски.
Целиот текст можете да го прочитате тука
