Европската комисија ја истражува состојбата со владеењето на правото во Полска. Тоа е исправно. Ако на Варшава не и се допаѓаат демократските начела на ЕУ, може да излезе од клубот, смета Барбара Весел.
Се стекнува впечаток дека полската влада сака да ја тестира Европската комисија. Бриселската институција е позната по тоа дека предупредува со остри зборови, но освен тоа ништо друго не презема. Во т.н. постапка за владеење на правото, сега кон Полска сепак покажува заби.
Од почетокот на годината спорот се води поради фактичко подривање на полскиот Уставен суд од страна на владата. На владејачката партија Право и правда (PIS) не и се допаѓа ставот на судот, таа на судот сака да ја скрати независноста и да ги блокира неговите пресуди. Тоа е спротивно од начелата на демократијата, а со тоа и на основните начела на Европската унија. Тоа е јасно. Кога една новоизбрана влада Уставниот суд сака да го прилагоди по своја мерка, тогаш не се стреми кон правна држава, туку кон држава на самоволие.
Варшава ја лаже ЕУ
Варшава ништо не исклучи со цел во текот на спорот да направи циркуска претстава со меродавниот претставник од ЕУ. Минатата недела од Варшава одеднаш стигнаа помирливи сигнали: постигнување на договор е можен и е посакуван. Значи претставникот на Брисел повторно отиде на состанок со полската премиерка, но прифатлива компромисна понуда сепак изостана. Се беше само измама.
Следствената „политичка бучава‟ и борбата за превласт меѓу Варшава и Брисел беше голема: во најновиот говор пред полскиот парламент шефицата на владата Беата Шидло над 20 пати го наведе зборот „суверенитет‟. Зборуваше и за „диктатите‟ на Брисел, „ултиматумите и правото на народите на самоопределување‟. Сето тоа го круниса со неколку лажици „цивилизациско наследство и национален идентитет‟.

Young people wave Polish and European Union flags during the yearly Schumann Parade supporting EU ideas, in Warsaw, Poland, Saturday, May 7, 2016. (AP Photo/Alik Keplicz)
Целата таа реторичка галама немаше ниту една друга цел, туку само на големата цивилизациска оставнина, имено на независноста на судствот да му стави крај.
Полска има обврски во Европската унија
Врвот на обвиненијата на сметка на Брисел беше тврдењето дека Полска некако е измамена од страна на ЕУ, бидејќи пред 12 години при потпишувањето на договорот немало постапка за владеење на правото. Од сите бесмислени аргументи тој е еден од најглупавите. Секако дека секогаш постоела обврска за почитување на демократските начела на Европската унија. И станува збор исклучиво за тоа.
Уште еднаш да биде сосема јасно: ЕУ не е главна благајна на земјите членки кои не се придржуваат на нејзините цели и начела. Посебно не е шалтер за исплата на влади кои тежат кон автократско владеење. Тоа категорично го исклучуваат правилата на здружувањето. Тој кој ќе потпише пристапен договор мора да се придржува кон него. На кого не му се допаѓа, може да го напушти клубот. Владата во Варшава за тоа целосно суверено може да одлучи.
Дојче веле – Бон