Поддршката на Гане

од Vladimir Zorba
100 прегледи

Во исцрпната листа на луѓе што ја објави Владимир Милчин (академици, универзитески професори, интелектуалци) кои, своевремено, му дале мошне важна и безрезервна поддршка на Фикусот (Ѓорге Иванов) да се кандидира за претседател на држава, фигурира и името на покојниот поет-академик Гане Тодоровски. Има детали во врска со неговата конкретна, „зборлеста“ поддршка кои, со оглед на сегашната, дрматична ситуација на Фикусот, (уште и, така да се каже, „редовна“) би требало да се знаат.

atanas vangelov

Испадна, непосредно по таа поддршка, испалена во јавноста како граната од германска „дебела Берта“ за да ја сврши добро планираната работа (влијание врз истата јавност: за кого треба да гласа кога куп учени луѓе, со својот потпис зад кои стои нивниот авторитет, јасно и даваат до знаење кој треба да биде идниот претседател) да се сретнам со поетот Тодоровски. Се случи тоа во канцеларијата на адвокатот Никола Кајчевски. Си дозволив тогаш и да го „упрекнам“, еден од зборовите-амблеми на Гане. Неговиот речник држи исто толку до архаизми и дијалектизми, колку и до неологизми. Мојот „упрек“ се однесуваше на долгата листа поддржувачи на Фикусот. Не само затоа што Гане со години градеше слика за себеси на „слободен стрелец“, туку и затоа што „многу арно не е на арно!“ Една, исто така, народна мудрост до која многу држеше животниот стил на поетот Тодоровски и на која често потсетуваше. Или, арно е кога има учени луѓе кои подржуваат Фикус. Ама, „не е на арно“ кога има толку многу поддржувачи. Тоа бездруго треба да ви рече дека има нешто чурук во сета таа работа.

Се сеќавам како денес дека, уште не седнат кај Коле (Кајчевски), со тон кој не скрива разочараност што врти накај гнев, му реков: „Не ти е местото таму и тоа со Божин!“ Алудирав на фактот што зад неговото име стои името Божин Павловски, „академик“ за кого, не многу пред тоа, објавив и трета книга („Маките на Моцарт од Жван“, 2007) на тема неговите плагијати. Во тоа време поетот Гане Тодоровски живо се интересираше за таа книга по проста причина што тој „академик“ си допуштил да го карикира во некој „роман“ иако, како што велеше Гане, тој „лавовски се борел“ како член на жири-комисија на „Утрински весник“, истиот „академик“ Божин (конечно!) да ја добие наградата за роман на „Утрински“. Од тие причини му ја дадов „Маките на Моцарт…“ во ракопис. Логиката на таа алузија беше: ако тој толку живо се интересира за книга која на индиректен начин го брани од карикирањето на „академик“, како може да си допушти да се најде на листа на поддржувачи и тоа во непосредна близина на тој што го – карикирал?

Одговорот на поетот Тодоровски беше мошне брз, мошне неочекуван иако неубедлив: „А бе заради Илија [Toневски, татко на Маја, сопруга на Иванов], другари сме од деца“. На тоа и заврши мојот тогашен „упрек“ кој, по сè изгледа, фатил исто толку место колку што поддршката на Гане била мотивирана од причини кои немаат некоја врска со неговата увереност дека Фикусот е човек кому „му личи“ да биде претседател. Одвреме навреме, тој имаше обичај да каже: „му личи да биде претседател“. Тоа го велеше за Бранко Црвенковски. Не само затоа што владата на Бранко (со поддршка на Глигоров, се разбира) го предложи за амбасадор во Руската Федерација, туку и затоа што Црвенковски некако голтна една негова отровна кнедла во која го нарече „жолтоклунец“.

Еден ден, во екот на претседателската преткампања, се најдовме на кебапчиња и црвено винце (неговиот омилен пијалок) „Кај Жабарот“ на Кејот на Вардар спроти Комерцијална. Во еден момент заѕвони неговата мобилка. Се повлече настрана и, по извесно време, се врати донекаде замислен. „А бе овие наситка немаат!“, рече, и потоа објасни. Го викале во Велес да зборува каде што, во тој момент, Фикусот ја објаснувал својата кандитатура. Не отиде. Веќе тогаш му беше јасно дека ќе треба да покрива нешто кое тешко, поправо никако, не ќе може да се покрива затоа што Фикусот не чекаше многу за да покаже и докаже дека е од оној сој луѓе со кои никако не смееш „да се фаќаш ортак“ (Конески).

Сега нешто и за – ортаклакот.

Преде некоја година купував калинки на пазарчето во „Аеродром“. Има два вида за кои знам. Едните се „валандовки“, главно со жолто-зеленикава боја. Другите се црвеникави кои, ако се погодат, можат да бидат подобри и од „валандовките“ иако важат за прва лига калинки. Човекот од кој купував калинки продаваше „валандовки“. Претпоставив, по зборувањето, дека е оттаму некаде и затоа се пошегував: „Бездруго се со благослов на претседателот Иванов“. Човекот ми одговори како од пушка: „Не бе, братче, од Грлишта е“ (село близу Валндово).

Зошто тој човек сакаше да се прави јасна разлика меѓу некој од Грчишта (селанец) и некој од Валндово (градски човек)? Затоа што според културниот код на една долга традиција, оние од градот се културно издигнати, отмени и фини луѓе наспроти оние од селата кои важат за прости, неизделкани и груби. А Иванов, со неговите несмасности кои треба да личат на некоја духовитост (ама ич не го бидува за тоа!), веќе стекна слава на човек кој многу ризикува кога ќе отвори уста. Тоа го покажа уште во текот на претседателската кампања. Го покажа кога ја спореди демократијата со – космодиск.

Зошто ги напишав овие редови? За да го извлечам името на академик Тодоровски од листата на Милчин? Таа работа, едноставно, „не ја бива“ (Андов). Ги напишав за да потсетам и со овие детали дека „патот до пеколот е поплочен со добри намери“, како што неодамна ни објасни министерот Никола Поповски кога ја опишуваше аболицијата на Ѓорге Иванов, од народот наречен Фикус. Затоа што, во тек на долги години ич не се мешаше во своите надлежности.

Атанас Вангелов
фејсбук статус