Високиот буџетски дефицит во првите три месеци годинава и најавите за ново задолжување со нова еврообврзница (трета за три години) покажуваат дека предизборната корупција на гласачите сега се претвори во перманентна со оглед на фактот што терминот за нови избори е непознат и гласовите можат да затребаат во секое време -анализира Вистиномер.
За цела 2016 година власта планираше буџетски дефицит од 3,2 отсто од бруто домашниот производ (БДП), односно 300 милиони евра. Буџетот беше предвиден на 3,2 милијарди евра кај расходите, а 2,9 милијарди евра кај приходите. Само во првиот квартал од годинава, буџетскиот дефицит веќе изнесува 3,9%од БДП, значи 21 отсто над предвидениот за цела година или, во пари, над 360 милиони евра.
Како и секогаш во период пред избори, оваа власт го пумпа буџетскиот дефицит со цел да ги поткупи гласачите со различни погодности, какви што се зголемување на социјалната помош, пензиите, платите во администрацијата и што уште не. Така беше и пред овие избори кои беа закажани за 22 април и 5 јуни, но кои не се одржаа. Арно ама, досега никогаш не се потрошил планираниот дефицит за цела година и уште повеќе од тој износ и тоа само во еден квартал. Ваквиот тренд не запира. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски уште лани вети дека од 1 септември годинава повторно ќе ги зголеми пензиите за дополнителни 5%, што по правило буџетот го чини околу 30-35 милиони евра годишно. Ако таквото ветување навистина се оствари, Македонија, која и онака веќе има поголеми просечни пензии својот источен и својот северен сосед, иако е посиромашна и од двата, со ова најавено зголемување на пензиите тие ќе станат повисоки од оние во Бугарија и тоа за 20 отсто (211 наспроти 175 евра) и 10 отсто од Србија (211 наспроти 192 евра).
ГРУЕВСКИ СО ЧУДНА ИЗЈАВА ЗА ЕВРООБВРЗНИЦАТА
Со оглед на сето ова, и не треба да чудат информациите за издавање нова еврообврзница, за која сега веќе знаеме дека треба да изнесува 230 милиони евра за да се достигне сумата од 500 милиони евра, колку што требаше да изнесува ланската, но од која тогашниот дополнителен заменик министер за финансии, Кире Наумов, ги исече токму овие најавени 230 милиони евра и на крај задолжувањето изнесуваше „само“ 270 милиони евра.
Оваа сума тогаш беше постигната во договор меѓу сега веќе поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески и Наумов. Но, како што видовме денеска, Ставрески си поднесе оставка „од здравствени причини“, па не треба да чуди тој да не се согласувал со ова најавено задолжување, зашто Ставрески и онака, со години наназад, приватно, како што, впрочем, слушнавме од прислушуваните разговори, не се согласуваше со високото ниво на јавна потрошувачка која ја практикува Груевски, јасно изнесувајќи го ваквиот свој став во сега веќе антологиската реченица за трошењето за чоколади во ситуација на недостиг на леб и самопрогласувањето за „лудаци“ во прислушуваниот разговор со тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Новото најавено задолжување, кое ќе значи трета еврообврзница во период од 3 години, а сите заедно со вкупен износ од 1 милијарда евра, можно е да ја прелило чашата на трпението кај Ставрески. Настрана фактот што против него не се води никаква истрага од страна на Специјалното јавно обвинителство, а ни СДСМ во ланските кривични пријави немаше поднесено ниедна против него. Ова значи дека тој не мора да се држи до фотелјата како гаранција за сопствената слобода за разлика од многу негови сопартијци.
Сосема друга приказна е изјавата на Груевски за издавањето на новата еврообврзница, која е прилично чудна:
Не сум информиран во детали, но од она што го помнам од минатата година, кога СДСМ стави некаков вид на блокада на издавањето на еврообврзницата, тие, таа деблокада ја условија со тоа што обврзницата да биде издадена само за шест месеци, наместо за една година како што претходно беше планирано и како што е вообичаена пракса во секоја држава. Така што, претпоставувам дека ќе има потреба од такво нешто и дека Министерството за финансии и Владата ќе пристапат кон тоа, бидејќи тоа е нормален начин за финансирање на дефицитот во една држава.
Повеќе ТУКА
