Биди дел од мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“

од Vladimir Zorba
298 прегледи

Под отворено небо, на 23 јуни (четврток) во Градскиот парк во Скопје со почеток во 21 часот, оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Емин Џијан и во негова оркестрација, ќе ги изведе најголемите хитови на највлијателниот поп- уметник на сите времиња Дејвид Боуви – „Let’s dance“, „China girl“, „Space oddity“, „Lazarus“, „Life on Mars“, „Ziggy Stardust“, „Ashes to Ashes“, „Rebel Rebel“, „The Man Who Sold The World“ и уште многу други незаборавни теми, мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“.

images

Покрај оркестарот на Македонската филхармонија, во изведба на композициите, кои овој пат ќе добијат поинаков и автентичен израз, ќе учествува и Женскиот хор при МКЦ, како и бенд во состав: Ади Имери, вокал и гитара, кој ќе ја има главната улога, Александар Поп Христов, гитара, Иван Бејков, бас, Благоја Перуновски, клавијатури и Мартин Вучиќ, тапани.

На огромните сликарски платна годинава ќе творат ликовните уметници Агрон Абдули и Ивана Младеновска, а фановите на британскиот пејач ќе добијат 20 илјади примероци од култната книга „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ од Мери Финиган, која претставува приказна за почетоците на кариерата на големиот артист.