Во Собранието на Република Македонија четврти ден се одвива дебатата за импичментот на претседателот Ѓорге Иванов, а пријавени за дискусија на почетокот на денешната дебата беа уште 70 пратеници.
Пратениците ги повторија ставовите во врска со одговорноста на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција и за подоцнежното повлекување. Поголем дел од дебатата се однесуваше на случајот со битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Васко Ковачевски од СДСМ очекува одговори на прашањето – кога беше во право Иванов, кога ја донесе одлуката за аболиција, или кога ја повлече. Овие одлуки, според Ковачевски, придонеле освен политичка криза во земјата да имаме и уставна криза, но тоа ги обединило граѓаните кои протестираат по улиците повеќе од 60 дена, а меѓу нив има и партиски определени и неопределени, но и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Зборувајќи за лицата кои требаше да бидат аболирани, тој се осврна на случајот „Транспортер“, прашувајќи дали, како што кажа, „криминалецот Владимир Талески треба да биде аболиран“. Според него, градоначалникот на Битола Талески и секретарот на Општината ги делеле парите од транспортот на учениците, но зборуваше и за други проекти кои не се реализирани во Битола. Ковачевски го нарече Талеска „гробар на Битола“. Освен за криминал, според него, битолскиот градоначалник ќе одговара и за изборен криминал, повикувајќи се на прислушуван телефонски разговор што го објави опозицијата.
Ковачевски од собраниската говорница тврдеше дека денеска околу пладне, после пет дена во Битола пристигнала одлуката за домашен притвор за градоначалникот Талески, но оти жалбата за оваа одлука стасала многу побргу во Битолскиот суд. СДСМ, рече тој, не оправдува собири за поддршка на Талески како оној денеска пред Кривичниот суд во Скопје. Ја спореди работата на струмичкиот градоначалник и лидер на СДСМ Зоран Заев и на битолскиот градоначалник.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека граѓаните нема немо да посматраат додека опозицијата прави насилство во државата и рече дека Заев и Талески не можат да се споредуваат, бидејќи Заев за превоз по ученик во Струмица троши двојно повеќе пари отколку што трошел Талески.
– Си дозволувате народот којшто не е со вас да го навредувате, да го омаловажувате, да го нарекувате стока, да не му го вреднувате правото на глас, а оние неколку стотини луѓе коишто ги имаше по медиумите дека добивале пари за да одат на протести, тие биле народ. Преку сто луѓе имаше на список коишто добиваат месечно надокнада од Сорос фондацијата, рече Димовски.
Праша дали освен нивниот спонзор Сорос во Панама се најде некој друг документ и каде е таа приказна од 5 милијарди.
– Парите со коишто вие се финансирате и се финансираат вашите протести се пари од трговија со оружје. Вас ви ги даваат за да ја рушите државата, за да се смени името, за да се направи федерализација на државата. Со каков образ стоите вие во тој ред? Имаше пратеници пред вас коишто гласаа за територијална поделба на државата. Предадоа два града Кичево и Струга. Вас ќе ве доведат во ситуација да ја предадете целата држава, рече Димовски.
Реплицирајќи, Ковачевски рече дека Талески бил „коруптивен криминалец и перфиден глумец и затоа не треба да биде амнестиран“, посочувајќи ја поддршката за Специјалното јавно обвинителство.
Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, како претседател на Комисијата за оценка на основаноста за предлогот на импичмент рече дека нема основаност за покренување на ваква постапка бидејќи ниту Уставот, ниту законот се прекршени. Осврнувајќи се на политичкиот говор на Ковачевски, Илиоски рече дека опозоцијата продолжува со непочитување на ниту една институција, да бидат и судија и полиција, да прикажуваат дека зад нив бил народот.
– Тоа што ќе се соберете стотина луѓе попладне и ќе ги шарате институциите е народ? Тоа е платеничка револуција. Тоа е предавничка револуција. Го судите градоначалникот на Битола, а имате лидер на партија, аболициран криминалец за осум милиони евра, рече Илиоски додавајќи дека Зоран Заев врз основа на последните измени на Законот за помилување може да поднесе барање за повлекување на одлуката за негова аболиција.
Според Илиоски, срамна е споредбата меѓу битолскиот градоначалник Талески и Заев, кој е предавник и платеник.
Миле Андонов од СДСМ смета дека целта на номинирањето и изборот за претседател на претседателот Ѓорге Иванов, било тој да им служи на интересите на врвот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Иванов, според пратеникот Павле Трајанов, треба да сноси одговорност за неговите одлуки, а го изгубил кредибилитетот и меѓународниот углед за да ја води државата. Во јавноста, како што кажа, треба да се отвори дебата за постапка за ограничување на уставната можност за помилување на претседателот, за начинот на избор на претседател односно тој да се избира во Парламентот, што би значело поделба на одговорноста, и, трето, да се ревидираат и да се намалат бенефициите за поранешните претседатели.
Одлуката за аболиција на претседателот Иванов е согласно Уставот, а помилувањето е законски спроведено, повтори пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Иван Иванов, кој исто така ја повика опозицијата да излезе на избори, а не постојано да бега.
Седницата ќе продолжи по редовната пауза. /МИА
