По британскиот референдум многумина гледаат опасност Европа да биде удавена во популизам. Но разумот никогаш не ги напушта луѓето целосно и нема потреба да паника, пренесува DW.
По референдумот во Британија многумина сметаат дека времето е зрело за популистите во Европа. И навистина: нека само за момент се замисли Европа и светот, ако Франција има претседателка со име Ле Пен, ако “Партијата на слободата” во Австрија даде канцелар, или ако Холандија е управувана од луѓето на Герт Вилдерс. И ако – за капак на сето тоа – во САД одлучат Трамп да биде претседател. Никој не може да гарантира дека ова ужасно сценарио нема да се исполни барем делумно.
Но, нема потреба од паника. Новите избори во Шпанија може и да не внесоа дополнителна јасност, но позициите на левичарските популисти сепак беа ослабени. Со други зборови – има белези за тоа дека гласачите не секогаш се оставаат да бидат повлечени од емоциите.
На другата страна на оваа смирувачка дијагноза сепак застанува едно растечко јадро од луѓе кои се способни да поверуваат и на најголемите безумници, додека тие се насочени против “естаблишментот”, “елитите” или Европа како целина. Зошто е така? Бидејќи многу луѓе во денешниот глобализиран свет (и светска економија) се чувствуваат во неповолна положба. А кога слични чувства постојано и гласно се артикулираат на интернет, овие дифузни чувства постепено стекнуваат политичка релевантност. Политичкиот популизам исто така е под влијание на пазарната понуда и побарувачка и ја задоволува широката потрага по одговори. И најмногу на простите одговори.
Тоа цврсто јадро од очајни луѓе, сепак не треба да се претвори во мнозинство. Се разбира, такво нешто е лесно да се каже, но тешко – да се постигне. Што следува од тоа?
Од политичарите се бара да најдат подобро – и по можност – брзо решение за секој проблем. И бидејќи ова ретко е можно, поради комплексноста на проблемите во светот, многу луѓе премногу брзо одат кон очај. Друг пат нема: јавноста и гласачите се должни да и дадат на политиката време и можност темелно да разговара за работите за кои очекуваат решение.
На прв поглед ова звучи прилично наивно во еден свет во кој сите си комуницираат “во реално време”. Но зар може на друг начин да се најде решение на жешките светски проблеми?
