Во Македонија од година во година се случува вистински наплив од нововостановени награди и признанија во разни области. Се добива впечаток дека се креира амбиент во кој ќе биде оправдана потребата од еден таков сигнификантен пораст, каде што наградувањето едноставно следи интензивен тренд на високи дострели, сензационални успеси и изненадувачки творечки резултати за кои постоечките етаблирани награди едноставно не се доволни. Неретко се чини дека наградите се измислуваат и лансираат преку ноќ само за некој поединец, кој од некакви нејасни прични “неправедно“ бил заобиколуван, да може да биде награден и неговото име барем за миг да се појави во медиумите. Сериозниот пристап при вреднувањето на вистинскиот квалитет на делата, на постигнатите особени реаултати, успеси и заслуги, сè помалку претставува предизвик во едно длабоко исполитизирано општество какво што е македонското. Критериумите се филтрираат со низа недоследности низ матната вода на дневно политикантските комбинаторики и манипулации.

Меѓу бројните награди од пред неколку години започна доделување на призанија и во дијаспората Медали за заслуги на посебно истакнати поединци и Повелба на Република Македонија на исклучително заслужни иселенички организации. Годинава, како што неодамна соопшти Кабинетот на Претседателот на РМ, такво признание му е доделно на Македонскиот сојуз во Шведска. Веста за оваа одлука можеше да биде примена со задоволство меѓу припадниците на бројната македонска заедница во Шведска, и како потврда дека повеќе децениските напори и заложби за континуирана афирмација на македонскиот јазик, култура, традиција и духовни вредности во скандинавското поднебје сега добиваат високо државно признание од страна на Претседателот на РМ Ѓорге Иванов. Но наместо тоа, таа вест сега ризикува бранот на очекуваната сатисфакција да го претвори во незадоволства, негативни реакции и збунетост поради леснотијата со која највисоките македонски државни органи ги донесуваат своите одлуки, често без проверка и уважување на фактите и реалните состојби.
А токму тоа веќе и се случува. Напоредно со одлуката на Македонскиот сојуз во Шведска да му се додели Повелба на РМ, парафот на претседателот го доби уште едно високо признание за поединец, издвоен од дваесет илјадната македонска иселеничка колонија во Шведска да се закити со Медал на заслуги за своите исклучителни успеси и постигнувања. Станува збор за медал што ù е доделен на Лилјана Стоилковска Андовска која во иминатите неколку години е присутна на културните манифестации што се организираат меѓе македонските иселеници во Шведска со своите музичко-сценски настапи, поетски читања и настапи на прослави на државни празници, а учествува и во некои активности поврзани со соработката на организации од двете држави. Но, со оглед на тоа дека не се познати критериумите според кои работела комисијата избрана од страна на Кабинетот на македонскиот претседател, би било упатно да се праша дали Медалот за заслуги е доделен за естардни настапи, пишување стихови и артистички изведби, или пак за долгогодишна самопрегорна работа, упорност и посветеност на напорите за јакнење на единството и соработката меѓу македонските друштва и клубови и нивната заедничка активност на ниво на сојузна организација која веќе неколку децении е позната како Македонски сојуз во Шведска?
Кога е во прашање повеќедеценискиот ангажман меѓу Македонците во Скандинавија, кој во еден подолг период активно го следи и потписникот на овие редови, едноставно е несфатливо дека со таква лежерност и ноншалантност се избегнува утврдувањето на неопходните фактички околности кои несомнено би фрлиле поинаква светлина врз оправданоста на одлуката да се награди гореспоменатиот поеидинец. Конкуренцијата овде подразбира една неизбежна повеќедецениска оптика при вреднувањето на заслугите кои сосема оправдано и објективно можат да им се припишат на поголем број поединци меѓу нашите иселеници во Шведска.
Оттаму и острите реакции кои деновиве пристигнуваат во канцеларијата на Македонскиот сојуз по повод спомената одлука, која во раководните органи на македонските асоцијации во Шведска се доживува како отрезнувачка шлаканица, дека независно од обемот, квалитетот и должината на ангажманот кој овозможил Македонците на овие простори со големи напори и скрмни средства да ја формираат и сочуваат својата сојузна организација, окото на “големиот брат“ сепак следи сè и на начин што само нему му е познат донесува одлука кој е тој смртник, поединец, кој заслужва внимание. Дека комисијата на Претседателот не сакала да побара мислење по ова прашање од самиот Македонски сојуз во Шведска, како централна организација која ги обединува интересите на македонската иселеничка колонија – не изненадува. Можеби повеќе изненадува дека по ова исто прашање соодветни сугестии можеле да произлезат и од владината Агенција за иселеништво, која, според логиката на нешата во оваа област, би требало да располага со одредени сознанија.
Ангажирањето во работата на македонските иселенички организации станува сè повеќе компликувано. Македонија како држава, можеби најмногу поради скромните буџетски средства, но не и само поради тоа, не развива консекевента иселеничка политика која би претставувала барем делумна поддршка на напорите кои се прават во диајспората за натамошното опстојување на македонската организирана дејност. Добро е познат податокот дека иселениците со своите дознаки учествуваат со околу 20 отсто од македонскиот БДП. Се слушаат и повици од Владата дека би било подобро македонските иселеници да отвораат бизниси наместо да испраќаат дознаки. Можеби затоа годинава Агенцијата за иселеништво, наместо тардиционалната Иселеничка конференција, ќе организира Форум за биснисмени и инвеститори во Република Македонија од дијаспората. Државниот апарат веројатно во парите и капиталот на иселениците гледа “златна кокошка“ од која македонската економија би можела да има голема полза.
Н во секој случај, не треба многу да се биде мудар дека една ваква одлука, на која го посветивме овој напис, неизбежно ќе внесе значајна доза на деморализација и недоверба во редовите на македонската дијаспора на овие простори, која во последниве години, за жал, добива сè поголеми размери. Бегство од реалноста кај иселениците би можело да се протолкува како бегство од лошиот и неправеден третман. Златната кокошка затоа ризикува да заглави на некое буниште, или модерна урбана депонија во која се таложат и гнијат изневерените надежи и очекувања на луѓето кои и на илјадници километри оддалеченост не престануваат да го насочуваат погледот кон својата таковина./
Ивица Челиковиќ