Пред 20 година Борис Елцин беше реизбран за претседател на Русија. За да спречи победа на комунистите, тој склучи експлицитен сојуз со олигарсите. И така беа положени темелите на “моделот Путин”, тврди германски експерт за DW.

На 3 јули 1996 години Борис Елцин победи во вториот круг на претседателските избори со речиси 54 проценти од гласовите и беше реизбран за претседател на Русија. Пред тоа тој беше претседател на РСФСР во составот на Советскиот Сојуз и по распадот беше избран за прв претседател на Русија. Во овој втор круг Елцин доби предност од цели 13 проценти пред противникот од Комунистичката партија Генадиј Зјуганов, што воопшто не се очекуваше непосредно пред гласањето. Но во меѓувреме се случи нешто од што последиците се истакнати до денес во земјата.
Австриската Партија на слободата плаши Брисел со референдум за членството во ЕУ
Главниот уредник на списанието “Источна Европа” Манфред Запер е убеден дека во 1996 година политиката и олигарсите склучиле пакт и така го предодредиле правецот на развој на земјата за годините што доаѓаат. Според него, тоа ги усложнило енормно многу односите меѓу политиката и медиумите, бидејќи плурализмот во Русија тогаш се сведува само до тоа дека различни олигарси контролираат различни медиуми. “И денес не е поинаку – одделните телевизиски канали зборуваат како со еден глас, недостасуваат различни мислења”, вели Запер за ДВ.
Кога економијата не работи
Средината на 1990-тите години се време на бурни промени во Русија: прифатен е нов устав; воведена е пазарната економија; се обрнува внимание на човековите права. Во исто време многу Руси остануваат без работа, а девалвацијата на рубљата и хиперинфлацијата го загрозуваат физичкиот опстанок на луѓето.
“Радикалните реформи во економијата и политиката изгледаа добро на хартија, но не дадоа брзи економски резултати”, вели Герхард Симон од Универзитетот во Келн. Како резултат на тоа имиџот на Елцин се распадна и луѓето престанаа да му веруваат. Од целата ситуација освои Генадиј Зјуганов со неговата анти-реформска програма.
Олигарсите го поддржуваат Елцин
Во овие конфузни времеињаво Русија некои луѓе успеаа да натрупаат големи богатства – станувајќи т.н. новобогаташи, или олигарси. Нивното силно економско влијание постепено се трансформира и во политичко. Тие сфаќаат дека постои опасност од враќање на старите комунистички патишта што би им одземало сè што имаат. Затоа сопствениците на големите медиуми во Русија тогаш одлучија да преземат кампања за поддршка на Елцин.
Гема Порцген од “Репортери без граници”, вели дека своевремено луѓето стравуваат од уште поголемо ограничување на слободите. “Тие сакаа да го спречат враќањето на комунизмот. Воопшто немаше никаква дискусија за слободата на печатот, каква за времето на Елцин постоеше, и која беше силно ограничена со доаѓањето на Путин на власт”, вели таа за ДВ. Многу новинари тогаш навистина ја гледаат опасноста од враќањето на комунистите на власт. “Улоги беа разменети – многу новинари застанаа против комунистите (и на страната на Елцин), додека ја одвратија основната новинарска вокација да бидат неутрални во информациите”, вели Порцген.
“Елцин беше помалото зло од Зјуганов, а до денес е помалото зло од Путин”, вели Герхард Симон и потсетува дека Елцин не посегнал по слободата на печатот. Елцин може да биде критикуван за многу други работи, но само не и дека имал за цел да ја уништи опозицијата, додава експертот.
Во мртвата прегратка на олигарсите
Пактот со олигарсите обезбеди реизборот на Борис Елцин и комунистите почнаа постепено да губат влијание. Тој наеднаш се најде во мртвата политичка прегратка на олигарсите, и тој се откажа од своето милениче Борис Немцов и во август 1999 година го посочи за свој наследник повереникот на олигархот Борис Березовски – Владимир Путин.
Путин сепак не продолжи со реформите започнати од Елцин. Тој ги истурка олигарсите од политиката и ги замени со свои пријатели. При неговото управување Русија станува авторитарна и нелиберална. Но правецот за овој развој е поставен уште на претседателските избори во 1996 година кога Елцин склучи својот пакт со руските олигарси. “Факт е дека никој во Русија тогаш немаше идеја како да биде реформирана оваа мултинационална империја, која беше силно милитаризирана. Ниту во 1990-тите години, а уште помалку во 1996 година”, уверува Манфред Запер
