Гитаристот на Аеросмит (Aerosmith), Џо Пери, колабираше за време на концерт со групата на Џони Деп “Холивуд вемпајрс” во Њујорк, соопштија светските информативни агенции.
Музичарот кој има 65 години, е во болница и е во стабилна состојба. Според весникот “Њујорк пост” Џо Пери изгубил свест поради срцев удар. Официјална информација за тоа сепак не е распространета.
Пери не се чувствувал добро уште пред концертот. По втората песна сосема му се слошило, тој отишол зад кулисите и изгубил свест. Алис Купер ѝ објаснил на публиката во амфитеатарот “Форд” на Кони Ајленд во Бруклин што се случува. Концертот продолжил без Пери.
Аматерски клип поставен на интернет, покажува како Пери седнува врз барабан на сцената, а потоа си оди по средината на песната.
Претставник на болницата на Кони Ајленд потврди дека Џо Пери е таму и го испитуваат.