Наново закани во јавниот дискурс, наново на социјалните мрежи. Закани за кои е јасно до кого се однесуваат и на каков вид на насилство повикуваат: „Амбасадата еднаш гореше. Амбасадорот во атомско склониште се посра во гаќи. (…) Тогаш имаат среќа, спасија г’з. Овој пат (…) ќе заминете во вечните ловишта“, „кој душман ќе влезе – жив нема да излезе“, „Хеј дуд, губернаторе, пази Бенгази да не ти се деси“, „Џеси, Џеси… Бенгази да ти се деси“, „Јавноста го губи трпението – Амбасадата еднаш гореше, амбасадорот спаси глава, овој пат нема“. Од надлежните – повторно молк

US_Embassy_in_Skopje_01-00-009

По интервјуто на американскиот амбасадор Џес Бејли, дадено за „Утрински весник“, во кое тој порачува дека одговорност за прислушуваните материјали мора да има, во спротивно земјава би останала заглавена во политичката криза, водителот на емисија на националната „Канал 5“ телевизија, Миленко Неделковски, преку својот Фејсбук профил, упати јавна закана дека повторно ќе гори американската амбасада во Скопје, како и дека „овој пат (…) ќе заминете во вечните ловишта“, додавајќи „кој душман ќе влезе – жив нема да излезе.

 

„КОЈ ДУШМАН ЌЕ ВЛЕЗЕ, ЖИВ НЕМА ДА ИЗЛЕЗЕ“

Заканувајќи се до „сите што сакаат да ја урнат државата“, тој постираше видео од песната „Кој душман ќе влезе, жив нема да излезе“. Тој во друга објава под која има статус со фотографија на американскиот амбасадор Џес Бејли, напиша „Хеј дуд, губернаторе, пази Бенгази да не ти се деси“, јасно алудирајќи на случајот кога беше нападнат конзулатот на САД во Бенгази на истокот од Либија, а во нападот беше убиен и американскиот амбасадор во Либија, Кристофер Стивенс. Во друг статус, малку подоцна, пак, дури и се спомнува името на американскиот амбасадор (во нагалена форма) во ист контекст и со истата закана: „Џеси, Џеси… Бенгази да ти се деси.

Неговата заканувачка порака за палење на амбасадата, експресно ја пренесе провладиниот портал „Инфомакс“, објавувајќи уште позаканувачки напис под наслов „Јавноста го губи трпението – Амбасадата еднаш гореше, амбасадорот спаси глава, овој пат нема“.

Миленко Неделковски - crop

По критиките во дел од медиумите дека Неделковски јавно се заканува на странска амбасада, тој, повторно преку својот „Фејсбук“ профил, се правдаше дека не навел конкретно име, ниту амбасада, како и дека медиумите кои го критикувале станале „читачи на мисли“.

Но, од неговата објава лесно може да се заклучи дека станува збор за американската амбасада, доколку се земе во предвид дека во Скопје досега само една амбасада била запалена. Тоа, всушност, може да се види и од текстот објавен на „Инфомакс“, во делот каде се вели:

Изјавите на Бејли во јавноста веќе почнаа на големо да предизвикуваат гнев кај граѓаните, кои пак ги користат социјалните мрежи да го искажат своето несогласување, но и предупредување. Меѓу нив е и новинарот Миленко Неделковски, кој оваа ситуација ја спореди со онаа во 1999-2000 година кога беше запалена старата амбасада на САД, тогаш кога на народот веќе му „прекипа“ и предупреди да не забораваат што се случи тогаш, бидејќи кога еднаш ќе тргне, овој пат народот нема да застане.

 

НАДЛЕЖНИТЕ МОЛЧАТ, НЕМА КОМЕНТАР ОД АМБАСАДАТА

По ваквите закани на Неделковски, од американската амбасада, ништо не прокоментираа. Од Основното јавно обвинителство, пак, кратко ни одговорија дека ги разгледуваат и анализираат сите објави и натписи.

Во случај на пронаоѓање на елементи на сторено кривично дело, а за кое се гони по службена должност, Обвинителството ќе постапи согласно законските надлежности, се наведува во одговорот од ОЈО на нашето прашање, дали ќе преземат некаква постапка по однос на заканите на Миленко Неделковски.

 

ШТО ВЕЛАТ ЗАКОНИТЕ ЗА ВАКВИТЕ ЗАКАНИ

Заканите од овој тип, според македонскиот Кривичен законик, се кривично дело, посочува адвокатот Оливер Вуксановиќ. Тој го цитира членот 181 од Кривичниот законик, во делот на „Повреда на угледот на странска држава“:

Тој што со намера за исмејување, јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзиното знаме, грб или химна или шеф на странска држава или дипломатски претставник на странска држава во Република Македонија, ќе се казни со парична казна – посочува Вуксановиќ.

Надлежен да поведе постапка во случајов, според него, е Основното јавно обвинителство, бидејќи под негова јурисдикција е заштитата на странските дипломати.

Исто така, обвинителот, доколку смета дека има доволно докази, може да издаде казнен налог, бидејќи се работи за парична казна – додава Вуксановиќ.

Во делот, пак, на „Загрозување лица под меѓународна заштита“, Кривичниот законик, во членот 420 е дециден:

(1) Тој што ќе изврши грабнување или некое друго насилство спрема лице под меѓународно правна заштита или ги нападне неговите службени простории, приватниот стан или превозното средство, ќе се казни со затвор најмалку една година.
(2) Ако поради делата од став 1 настапила смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.
(3) Ако при извршувањето на делото од став 1 сторителот со умисла лишил од живот друг, ќе се казни со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор.
(4) Тој што ќе ја загрози сигурноста на лицето од став 1 со сериозна закана дека ќе го нападне него, неговите службени простории, приватниот стан или превозното средство, ќе се казни со затвор од една до десет години.

 

КОНВЕНЦИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И КАЗНУВАЊЕ НА КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ЛИЦА ПОД МЕЃУНАРОДНА ЗАШТИТА

Македонското Собрание во 1976 година, кога Македонија била дел од тогашната СФРЈ, донело Закон за ратификација наКонвенцијата за спречување и казнување на кривични дела против лица под меѓународна заштита, вклучувајќи ги и дипломатските агенти, усвоена на 14. декември 1973 година.

Во членот 2 од оваа Конвенција, под точката 1, се наведува дека секоја држава членка ќе го смета како кривично дело врз основа на своите закони, умисленото извршување на:

а) убиство, грабнување или друг напад на лице или на слободата на лице под меѓународна заштита,
б) насилен напад на службени простории или приватен стан или на превозно средство на лице под меѓународна заштита, што може да ја доведе во опасност неговата личност или слобода,
ц) закана дека ќе се изврши таков напад,
д) обид да се изврши таков напад, и
е) дело што претставува соучесништво во таков напад.

Ова не е прв пример на јавни закани од истото лице. Неодамна, сличен повик на насилство беше упатен кон неколкумина новинари именувани со име и презиме. По ова, посочените поднесоа барање до Обвинителството за покренување на кривична постапка, кое, пак,одлучи да не постапува според барањето. Вишото јавно обвинителство во таа прилика рече дека тоа биле само ставови искажани за физички лица.

Ана Анастасовска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка наамериканската непрофитна фондација (NEDNational Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Слични содржини