Од Народната банка на Република Македонија известуваат дека денеска нејзиниот совет одржал седница на која го усвоил извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2015 година и кварталните извештаи за првите два квартали од годинава.

Како што констататирал советот на НБРМ, македонскиот финансиски систем и во 2015 година бил стабилен и покрај надворешните и внатрешните случувања.

nbrm-540x300

„Во 2015 година, вкупната актива на финансискиот систем достигна 494 милијарди денари и оствари пораст од 7,1 отсто во однос на претходната година. Главните карактеристики на финансискиот систем и понатаму се едноставната структура, слабата меѓусекторска поврзаност и отсуството на сложени финансиски инструменти и услуги“, се вели во соопштението на банката.

Според НБРМ, за стабилноста на финансискиот систем најмногу придонеле банките поради нивната најголема застапеност во системот, но тие, исто така, се и најзначајниот фактор за одржување на стабилноста на другите институционални сегменти, како и на компаниите и на домаќинствата. Главниот ризик за банките, според НБРМ, доаѓа од нивната кредитна активност, која во 2015 година остварила забавен пораст, особено кај нефункционалните кредити, што предизвикало намалување и на нивното учество во вкупните кредити на банките на 10,8 отсто.

Како што констатира НБРМ, одделни банки минатата година покажале ранливост на претпоставените шокови и потреба од докапитализација или поддршка. Пензиските фондови и осигурителниот сектор и натаму остварувале засилен пораст, а штедилниците, инвестициските фондови, друштвата за лизинг и финансиските друштва имале речиси незначително учество во вкупната актива на финансискиот систем, а со тоа и врз неговата стабилност.

На денешната седница, советот го разгледал и извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2016 година, при што констатира дека по релативно високиот пораст на банкарските активности со корпоративниот сектор во декември 2015 година, во јануари годинава е забележан пад на кредитната поддршка за нефинансиските друштва. И покрај тоа, квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот систем се задржал на високо ниво, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на 31 март 2016 изнесувал 10,9 отсто.

На денешната седница советот го разгледал и кварталниот извештај за вториот квартал од 2016 година и констатира дека и покрај индикациите за можни отстапувања од априлската проекција кај некои клучни варијабли за монетарната политика, оцените за економските фундаменти и понатаму се позитивни. Податоците за економската активност, според НБРМ, упатуваат на понатамошен пораст, но побавен во однос на досегашните остварувања.

„Последните податоци за депозитната база на банките и побарувачката на девизи на менувачкиот пазар укажуваат на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти, коишто се разнишани од домашната политичка нестабилност. Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветното ниво, и покрај негативниот шок во вториот квартал, кога се пролонгира разврската на домашната политичка криза, која се прелеа во домашната економија. Ризиците за економијата и понатаму се оценуваат како неповолни и главно се поврзани со домашната политичка криза, а присутни се и надворешните ризици“, се вели во соопштението од банката, која како нов ризик во овој контекст го посочува излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија.

Од Народната банка истакнуваат дека и во следниот период внимателно ќе ги следат движењата и доколку е потребно, ќе направат дополнителни промени во монетарната политика за успешно остварување на законски поставените цели.

 

META

Слични содржини