Западната поддршка на Груевски се билда околу бегалците

од Vladimir Zorba
93 прегледи

Дел од медиумите зачестено пренесуваат текстови на американски аналитичари, кои пишуваат дека македонската криза треба брзо да заврши и тоа со триумф на Груевски, аргументирајќи дека е потребна стабилна влада која ќе се справи со новиот бран на бегалци.

Од друга страна, пак, еврокомесарот Јоханес Хан беше првиот што ги воведе во контекст бегалската и политичката криза во Македонија, анализира Prizma

Како бегалците влегоа во равенката за решавање на политичката криза во Македонија? | Фото: Роберт Атанасовски

Портали и телевизии со национална концесија последните недели синхронизирано пренесуваат текстови на релативно непознати американски аналитичари кои отворено ја фаворизираат власта на ВМРО ДПМНЕ и го напаѓаат лидерот на СДСМ, Зоран Заев, портретирајќи го како сомнителен инструмент на други држави, човек кој работи против демократски избраната влада.

Ставовите на овие аналитичари одат по линија на тезата дека треба што поскоро да заврши политичката криза, и тоа со триумф на Никола Груевски, бидејќи е потребна стабилна влада која ќе се справи со новиот бран бегалци од Сирија.

Различни аналитичари, исти тези

Еден од последните вакви текстови е оној на пензионираниот командант на американската морнарица и поранешен портпарол на Пентагон, Џефри Д. Годрон со наслов „Западните сили мораат да се занимаваат со Балканот“.

„Заев објави приватно снимани и манипулирани разговори на премиерот и се обиде да го уценува со нив, тактика незамислива за која било западна демократија. Со оглед дека неговата партијата е слаба на анкетите, единствена шанса за победа ѝ е целосно да го заобиколи изборниот процес. Лесно се гледа дека Москва ја меша манџата – Кремљ ја мрази европската интеграција“, напишал Гордон за весникот „Д хил“.

Гордон смета дека Македонија заслужува признание за начинот како ja менаџирала бегалската криза и предупредува дека државава ќе заглави со голем број бегалци муслимани, доколку западот ги затвори границите.

„Таков развој на настаните лесно може да предизвика нова балканска војна, бидејќи Македонија е веќе кревка држава“, анализира поранешниот портпарол на Пентагон.

По иста траекторија се движи пишувањето и на другиот американски аналитичар што го пренесоа дел од медиумите. Џејсон Кац на веб-страницата „Дајли колер“, исто така прво го напаѓа Заев, а пота се осврнува на големиот придонес на Македонија во бегалската криза.

„Пречката на изборите доаѓа во форма на опозицискиот лидер Зоран Заев, за кој се верува дека е вмешан во ланскиот обид за преврат управуван од странство и тој е осомничен за нелегално прислушување и уценување на владини функционер, вклучувајќи го и Груевски, како и за други криминали. Заев повторно најавува бојкот, со што ги држи во заложништво изборите поддржани од ЕУ. Без оглед на сè, Груевски ќе оди на избори и најверојатно ќе победи“, напишал Кац.

Очекувано, по поддршката за Груевски и овој аналитичар потсетува дека на Македонија ѝ е потребна помош околу бегалците. Пишува дека, иако Македонија главно е успешна приказна, нашата држава се ниша на работ од нестабилноста, додека бегалската криза ја преплавува неподготвената Европа. Според Кац, Македонија е оставена сама да се справува со кризата.

„Иако Македонија е мала нација со лимитирани ресурси, таа дарежливо и хумано се однесуваше кон стотиците илјади бегалци кои поминуваа или останаа во државата“, напишал Кац.

Покрај тоа што менаџментот на бегалската криза е дел и на еден од договорите на ВМРО-ДПМНЕ со лобистите од Америка, интересно е дека првиот што ги стави во ист контекст бегалската и политичката криза беше еврокомесарот Јоханес Хан, по последните преговори во Пржино кои завршија без договор за избори.

„Земјата е во многу тешка стратешка ситуација. Не треба да заборавиме дека покрај сите разговори во врска со новите избори има сериозна мигрантска криза во Европа. Она што го видовме во 2015, сигурно ќе продолжи во 2016“, ова беше првото нешто што Хан го изјави вечерта во Пржино.

Кој тоа ја фали власта

Илиев и Ердоган позитивни ликови во анализите на „познатите“ експерти | Фото: AK Parti

А дека Џефри Д. Гордон и Џејсон Кац не се случајни ликови во оваа приказна, покажува и нивниот минат труд. Тие застанувале во одбрана на лидери со прилично сомнителен демократски капацитет како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот колега од Азербејџан, Илхам Алиев.

целата анализа на Владо Апостолов тука