Јас во кожата на Хорхе

од Vladimir Zorba
113 прегледи

Да сум, по некоја дибидус луда, удрена со мокар чорап по глава случајност, да сум во кожата на Хорхе, би си дал оставка од местото татко на нацијата. Макар бил и еден нелегитимен татко како што, цинично, се изрази lаdy (oва за атер на Викторија Нуланд) Јанева.

atanas vangelov

Знам дека добро знаете! Јас и вратив. „Промптно“, како што вели Тупурковски.

И одговорив со „аргументи, факти и докази“, како што вели Илече Велешанче. Јас и ја плиснав вистината в лице, една студена, бистра вистина како водата од Анска река, некогашна. Јас и реков без „говор на омраза“, и реков кротко на Катица: “ти си, сестро специјална, бетер нелегитимна ако сум јас, Хоре, нелегитимен! Оти, кој ти потпиша указ за специјалка? Како можам јас да бидам, златна, нелегитимен, а указот твој да биде – легитимен? Ја фатив во расчекор. Логички, ама сепак – расчекор. Се знае што му следува на оној што го фаќаш во расчекор. Сите го знаат тоа. Се работи за долга, вековна традиција. Никој не треба да ја игнорира. Најмалку јас, Хорхе. Ете, така и одговорив тогаш на Катица. Ама, сега се сетив дека сум имал и подобор одговор од тој.

Ќе го кажам тука тој одговор затоа што никогаш не се вели никогаш во политиката. Одговорот е: и Аце наш Македонски бил нелегитимен син на татка му Филип од Пела, па што дека? Тој се гордеел со тоа. Нему мајка му Олимпија убаво, со време му објаснила дека неговата семка (ген) е од фараонско колено. Директно врзано за Амон Ра, семоќниот и сеприсутен. Да немал таков ген како би можел Аце наш да стане прв император на сите времиња? Туку, да се вратам на оставката затоа што и почнав со неа.

Би си дал јас „промптно“ оставка не затоа што Катица, со Али Ахмети и Зоран Заев барабар, сетуку бамбари дека, ете, сум бил нелегитимен. Би си дал не затоа што има мал милион други причини, големи колку планина, една од Кораб повисока планина. За да биде уште поголема бељата треба да се додаде кон тоа: “нема кантар што ја мери“ тежината на тој мал милион причини (мојата мега-аболиција која првин ја туркав, а потоа ја повлекуав со исти „аргументи, факти и докази“, на пример), кои ве силат на оставка Така велеше, во проза, покојниот поет Шукри Рамо.

Туку и тоа со мерата ич не е пресудно, ни најмалку. Како што ни волјата на мојот библиски „народец“ (Г. Т.) не е пресудна. Уште и несплотен „народец“ по прашањето – оставка. Еве ви нешто “аргументи, факти и докази“, згора-згора, колку да не биде без ич. Едни врескаат, како онаа опозиција која не се воздржа од “неприфаќање волја на граѓаните“ кога загуби избори, “оди си, Хорхе!“ Други, како Вемерето на пастир Никола, ми шепотат на увце: “да не си мрднал, Хорхе, од вилата на Водно! Белки не сакаш, еден ден, да се разбудиш наденат на вила!

Долга е раката на Вемерето, прецизира пастир Никола.“ Не, ич не се мајтапи тој кога вели “долга е раката на Вмерето“. Ако во ништо друго, барем во тоа го следи Делечев од Кукуш, нашиот родоначалник. Тој им го рекол тоа, вели Петре Манџуков од скопско Мирковци, на велешките гемиџии. Им го рекол тогаш кога, аџамии, одбиле да ги води долгата рака на централистите, безмилосна. Тие гемиџии си сакале своја, “бомбаџиска“ (Шатев) револуција. Оригинал. Не “општа“, организирана револуција, сенародно востание. Не сакале востание затоа што „народецот“ бил тој што јадел стап (Иван Хаџиниколов: “како не нè избрка со камења нашиот народ“) во такви востанија. А „раководците“ (Г. Тодоровски) наоѓале начин и канали да се засолнат, на сигурно.

Во хотел „Батемберг“ во Софија, на пример. Може ли тука да се наведе барем една добра од тој куп причини? За да може и ќоро да види дека јас не си играм “дрн-дупка“ (Г. Јанкуловска) кога велам: ќе си дадам оставка кога би бил на местото од Хорхета. Ќе си дадам заради – обрачите. Не! Не велам јас дека ќе си дадам оставка заради оние обрачи кои, писателот Ацо Алексиев, ги вика кругови на пеколот (Голи Оток), а ги имало девет на број. Ќе си дадам оставка заради обрачите на еден филозоф. Како doctor honoris на многу универзитети (погледајте за тоа на мојот сајт), морам повеќе да држам до обрачите на филозоф од светски бренд (Жан Пол Сартр), а помалку до прозата на писател кој опишува кругови на пеколот, макар и наш. Во мојот случај се работи за власта како страст која е не помалку сласт и маст истовремено. Ете, кога таа страст ве доведува на власт вие сте едно буре кое го држат обрачи. Како и пред тоа, кога не сте биле власт. Ама сега, тие обрачи добиваат на важност. Добиваат затоа што страста почнува да врие како шира од печено грозје валандовско, на силно сонце македонско. Врие така не само вашата страст по власт, туку и самиот вие, исцело. Вие вриете како таков. А зошто?

Затоа што вие сте распнат како Исус кога сте на на власт. На една страна го имате пастир Никола, директно колено на Илинден 1903 со неговото Вемере. На друга го имате, на пример, генерал Тодор Атанасовски, еден од творците на Вториот Илинден (АСНОМ, 1944). Првиот ви вели: “Катица, со Бејли и Брисел нешто мати. Мора да се држиме заедно за да не висиме одделно. Не мрдај, Хорхе, од вилата на Водно за да не се наденеш на вила.“ Тодор второилинденецот „како подземен екот“ не запира: Бејли и Брисел се за Катица. Катица е за правна држава. „Секој ќе си срка тоа што си дробал.“ Така велеше и пастир Никола, Хорхе! Не заборави дека од стравот се бега, ама од срамот не!“ Што да правам јас, распнатиот меѓу два Илиндена кој се нашол, по луда случајност, во кожата на Хорхе? Што друго освен да се обесам на првата бандера близу Валандово, по совет на оние обрачи на Сартр кои држат на купче зовриено буре-егзистенција? Ама, кога ќе размислам подобро, не бидува ни тоа.

Како што ми кажуваат моите службени уши, почнале да пеат тие бандери. По углед на оние од шарената револуција, тие пееле: Аvanti popolо, alla riscossa, bandiera rossa! Ајде, сега беси се ти на бандера која опева – riscossa! O tempora, o mores!

Атанас Вангелов
фејсбук статус