Иронијата да е уште поголема, човекот кој во секој говор ги бомбардира граѓаните со изјави за ризиците врз безбедноста на Македонија, ги повика „медиумите да се воздржуваат од ширење паника, страв и штетен сензационализам, а цивилното општество и интелектуалците да се воздржат од отровен цинизам и од демонизирање на оние со кои не се согласуваат“.
Кога правото на став и критика ќе бидат нострифицирани како „отровен цинизам“, јасно е колку е часот и што бара власта од „народот“.

Го бара истото она што го бараат сите авторитарни режими: водведување на, од нив, дефинираниот модел на патриотизам, но на оној искривоколчен начин на којшто тие го разбираат: слепа послушност, неограничена сервилност и безпоговорна лојалност.
Тоа е таа „емоција“ што треба да им биде инсталирана на сите, како еден вид државно-ориентациски џи-пи-ес, водич и навигатор на моралното, политичкото и професионално однесување. Тоа веќе функционира кај голем дел од медиумско-владејачката коалиција, и сега – или ќе се прошири на целата територија, или ќе се расчистува со оние кои нема да сакаат да го следат „сигналот“.
Како што констатира колега од регионот, во вакви случаи во основа станува збор за еден вид конфесионална принуда, за утврдување световна (партиска) религија, за инсистирање на вернички однос кон мистичните „достигнувања“ на партијата/државата, што подразбира дека комплетното општество е задолжено да учествува во одобрените претполитички ритуали.
Притоа, световните вредности од типот „патриотизам“, „народ“ или „одбрана на државата од непријателите“, уживаат статус на псевдорелигиски култови во кои сите мора слепо да веруваат. Не се дозволува тие да бидат подложни на анализи, уште помалку да земаат предвид „тривијалности“ од типот на факти, бидејќи преку нив и не се отвораат политички или социолошки туку новоинсталирани „теолошки“ прашања, а тие не може да бидат подведени на критичка, туку само на литургиска анализа.
Ете, таква воздржаност се бара од нас. Да молчиме и во име на лажен патриотизам претворен во државно-партиска религија, да не прашуваме кој и зошто ја тероризира земјата со депрофесионализација; кој и зошто енормно ја задолжува; зошто е толку тешко власта да се откаже од еден бронзен коњ во корист на инфраструктурни проекти; зошто само „патриоти“ лиценцирани од власта имаат право на вработување со или без оглас, право на напредување, на стипендии, на тендери, на живот…
Не треба да прашуваме зошто зад параванот на битката за наводни национални приоритети, многу претставници на општествениот какол беа наградени за верноста кон режимот. Нивниот „патриотски“ учинок, кој сѐ повеќе влегува во делокругот на финансиските инспекции, обвинителствата и судовите, е токму резултат на тероризирањето на институциите со кадровски талог неподобен за интересите на државата, но подобен за интересите на власта и нивните големи идентитетски проекти.
Откако со вакви и слични практики земјата е доведена во катастрофални општествени прилики и економски состојби, терористите со кои нѐ плаши Иванов, сметам дека овде не би имале никаков реален предизвик. Освен чувство на силна домашна конкуренција, која веќе ја завршила работата.
Колумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја тука