Актуелните политички предизвици, модалитетите за надминување на политичката криза, како и стратешкиот интерес на Македонија за членство во НАТО Алијансата биле тема на разговор на денешната средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со директорот за европски прашања од Националниот совет за безбедност на САД, д-р Чарлс Купчан.

Како што соопшти партијата, од двете страни е искажано мислењето дека политичката криза во Република Македонија трае предолго и дека е неопходно да се најде излез од актуелната ситуација преку одржување избори на кои народот ќе им даде легитимитет на политичките претставници кои имаат капацитет да ја вратат земјата на реформскиот пат и да се посветат на економскиот просперитет.
– Претседателот на партијата Никола Груевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ целосно ги почитува и реализира обврските преземени од меѓупартискиот договор и дека исто како и претходно, не постојат објективни услови за ново одложување на изборите и натамошно пролонгирање на кризата. Тој нагласи дека е потребен искрен ангажман и од опозицијата за да се создаде амбиент на доверба во кој ниту една страна не би можела да ги оспорува изборните резултати и волјата на граѓаните. Груевски повтори дека изборите се единствениот начин да се излезе од кризата и дека секое ново барање или провоцирање причини и нови услови за изборите се неприфатливи и одат на штета на државата и граѓаните, се наведува во соопштението.
Воедно, се додава дека, обврските кои ги презеде ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од обезбедувањето на мнозинство за донесување на договорените законски измени, па се до изборот на членови во ад хок телото за надзор на медиумите, се целосно исполнети. Според Груевски без никакви проблеми се одвива и активната регистрација на гласачите за кои СДСМ тврдеше дека се спорни.
– Беше истакнато дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ врвен интерес е напредок во интеграциските процеси, членство во НАТО Алијансата, како и спроведување на интензивната реформска агенда поврзана со ЕУ која подразбира дополнително унапредување на состојбите и критериумите во повеќе сфери, како и законските решенија кои се предложени од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението.
Груевски, се додава, се заблагодари за досегашната поддршка на САД, со што беше договорено интензивната комуникација да продолжи и во идниот период за сите прашања и области од заеднички интерес./Mиа