Реакцијата на Основниот суд Скопје 1:

Не е вистина дека предметот „Шпион” по обвинение на Обвинителството за организиран криминал и корупција за новинарот Зоран Божиновски од Основниот суд Скопје 1 не бил предаден на Специјалното јавно обвинителство. До Кривичниот суд не е доставена никаква одлука од страна на Апелациониот суд Скопје со која предметот се презема од СЈО. А таква одлука до овој суд не доставило СЈО, соопшти Основниот суд Скопје 1.
„Надлежностите на обвинителствата, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и на СЈО не е работа на Кривичниот суд. На судот му е важно да има присутен овластен обвинител кој го води предметот и истиот го има проучено и воедно е надлежен по закон да присуствува на закажаните рочишта што ќе се одржат доколку се исполнат условите за нивно одржување.
Во однос на информациите дека судот го крши законот со тоа што побарал мислење од ОЈО за организиран криминал и корупција, а не од СЈО, соопштуваме дека мислење е побарано онака како што налага законот, односно од обвинителот што го поднел обвинението и се легитимирал во постапката.
Сите информации што беа објавени за наводното „кршење на законот“, судот ги отфрла целосно како невистинити, неточни и тенденциозни со цел јавноста да добие искривена слика за законското постапување на судот и недоразбирањето на двете обвинителства околу нивните надлежности и лоша намера во сето ова да се вовлече Кривичниот суд пред кој постапуваат странките во постапката“, се вели во реакцијата на Основниот суд Скопје 1 – Скопје.