Одговори на новинарски прашања на лидерот на СДСМ Зоран Заев по прес конференцијата за објава на датумот за предвремените парламентарни избори:

П1: Г-дине Заев одите на избори без нов закон за медиуми. Рековте дека се 300.000 фиктивни гласачи, не излезе дека е така?! Рековте дека криминалци ја водат државата, а никој не е зад решетики?! Како го оценувате целиот овој процес и како сега викате дека ќе имаме фер изборен процес?
Покажавме многу трпение, посветеност во целиот овој процес. Како опозиција бевме исправени пред одлуката дали да ја чекаме правдата до крај, а Македонија да тоне во заложништво комплетно, секој ден пред се економски да осиромашува и граѓаните пред се младите да ја напуштаат државата. Исправени пред ваквиот предизвик колку време се раздолжува целата оваа криза токму и заради тоа прифативме еден исчекор само во делот на медиумите. Нашите ставови се јасни! Во првите 100 дена ќе го гласаме во Парламентот како победничка влада и како победнички претставници на граѓаните со мнозинство во Парламентот законот предложен од Меѓународната заедница преку Питер Ванхојте, однсоно ЗНМ, и ќе биде донесен и ќе продолжиме во првите 6 месеци да ги реализираме сите реформски приоритети како и сите забелешки односно сугестии и приоритети од Извештајот на Прибе.
П2: Има ли шанси нешто да ги одложи изборите закажани за 11 декември?
Јас верувам, и во мојата изјава реков да не се дрзнат да чепнат по Специјалното јавно обвинителство. СЈО е искра на правда на враќање на надежта за правда во Република Македонија. СЈО е нешто коешто има најголема поддршка во Република Македонија и верувам далеку од рацете на политичарите ќе продолжи да работи без оној суд, Уставниот суд кој што сите видовме кој го контролира и нема да се дрзне да чепне по неговата функционалност.
П3: Дали останувате со истите персонални решенија за техиничката Влада?
Утре, Централниот одбор на партијата ќе расправа по ова прашање и ќе донесе одлука.
П4: Го предупредивте Груевски како што рековте да не се дрзне да го прекрши овој пат договореното. Таков договор се потпиша пред повеќе од една година, од тогаш бевме сведоци со какви опструкции се соочи преодната Влада, на какви се опструкции вие обвинувавте. Преодната Влада сеуште не е избрана. Што ако повторно се случи истото?
Договорот опфаќа и преодна Влада на 100 дена. Тоа значи од 2-ри септември ќе отпочне преодната Влада или техничката Влада за предвремените парламентарни избори на 11 декември. Целиот овој процес, тоа што беше потпишано секогаш на неговата реализација опозицијата одважно реагираше и буквално секогаш стоевме на нашиот збор. Тоа што го кажавме во делот на исполнување на минимум услови за одржување на фер и демократски избори го доддржавме од почеток до крај. И последно тоа што беше минимум исчекор во медиумите и прочистување на Избирачкиот список онолку колку што е можно во моментот во Македонија е направено. Со отстранување на 171.500 во посебен дел на Избирачкиот список, 55.000 по нашата евиденција злоупотреби преку фиктивни гласови се отсранети како можност. Од сите овие 30.000 којшто се за бришење во Избирачкиот список 25.000 се фиктивни гласачи. 80.000 прават заедно. Тоа е 7,5% од вкупниот број на гласачи коишто излегле 2014 година. Сериозноста во постапката и приличи на опозицијата во целиот овој период како секоја нормална опозиција во секоја земја. Тоа ние го завршивме. Денеска можам со гордост да кажам дека створивме услови за слободно изразување на волјата на граѓаните. Денеска нема да има фантомски гласачи и фиктивни гласачи во изборите. Од денеска е создадена одлична можност граѓаните да влијаат на својата иднина и на иднината на својата земја.
П5: Ќе има ли избори ако се прекрши договореното?
Ако се прекржши договореното, само по себе тие што ќе го прекршат ќе значи дека се откажуваат од избори.