Наместо протоколарно добредојде, претседателот Ѓорѓе Иванов го пречека новиот евроамбасадор, Самуел Жбогар со остри критики за односот на Европската Унија кон Македонија. Шефот на државата вообичаено кога странските амбасадори му ги предаваат акредитивите ги поздравува со кус пригоден говор. Но не и овој пат, пренесува Телма.

Иванов на амбасадорот Жбогар му порача дека верува оти Унијата и покрај предизвиците со кои се соочува ќе го промени досегашниот погрешен пристап кон Македонија кој е контрапродуктивен.
Во спротивно, доколку Македонија и по следните избори не добие датум и не ги започне пристапните преговори, прашање на време е кога ќе се соочиме со следна политичка криза, изјави Ѓорѓе Иванов, претседател на РМ.
Уште поостри зборови му упати во врска со мигрантската криза.
Повеќепати имам изнесено и повторно ќе нагласам дека не сум задоволен од односот на ЕУ кон РМ во поглед на справувањето со предизвиците кои произлегуваат од актуелната криза со бегалците, изјави Ѓорѓе Иванов, претседател
Многу подипломатски и согласно протоколот за вакви настани беше обраќањето на новиот амбасадор Жбогар, кој сепак нагласи дека очекува за време на неговиот мандат македонските политичари своите партиски интереси конечно да ги заменат со интересите на државата.
-ЕУ со нетрпение очекува да се надмине долгорочната политичка криза преку договорот од Пржино посредуван од ЕУ и САД и прифатен од главните политички партии, со јасни насоки во тој правец за одговорност и ставање на прво место на интересите на земјата. Тие насоки се клучни не само за имплементација на овој договор, туку и за имплементирање на неопходните реформи за подобра иднина на вашите граѓани.
Следуваа неубедливи насмевки за фотографирање по формалното предавање на акредитивните писма и куса средба. Евроамбасадорот Жбогар по само два дена на фукцијата веќе утре заминува во Брисел на консултации, по што ќе ги чуеме негвоите официјални ставови. На Словенецот Жбогар му е близок балканскиот начин на водење политика и затоа што во Скопје доаѓа од Косово каде што беше специјален претставник на Унијата.
Тој е искусен дипломат, поранешен министер за надворешни работи и амбасадор на Словенија. Неговиот претходник Аиво Орав ѓе биде амбасадор во Црна Гора.