Метеор предизвика искра светлина и силни експлозии во небото над Кипар пред изгрејсонце, а во полицијата беа добиени стотици повици од загрижени граѓани.
Нема податоци за штети и жртви на природната појава, забележани во широката област во јужниот дел на Медитеранот меѓу полноќ и 1 часот утринава. Властите пребаруваат за остатоци од метеорит. Се уште не е потврдено дека ноќната појава била заради метеор, но тоа е најверојатно, рече полициски портпарол.
Најсилен бил звукот од приближувањето на метеорот во реонот на Никозија и Лимасол. Од цивилната авијација информираа дека нема информации од пилоти за нешто необично во небото и пред зори во воздушниот простор на Кипар сите летови биле извршени нормално.
Метеорите се парчиња од комета или астероид од вселената кои при навлегувањето во земјината атмосфера создаваат огнена топка. Оние кои ќе го надминат неверојатното загревање и триење и ја достигнат површината на Земјата без да се распаднат, се познати како метеорити.
Научниците ги бараат за да добијат од составот информации за раната фаза од постоењето на Сончевиот систем.