
Претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски неколку пати досега побара да се најде решение за проблемот со шестата изборна единици која има 5,28 отсто повеќе гласачи од законски дозволеното.
За да се запази Изборниот законик, кој предвидува бројот на запишаните гласачи во шесте изборни региони во Македонија да не отстапува повеќе од пет проценти, ДУИ ќе излезе со два предлога. Првиот се однесува на прекројување на границите на сите изборни единици, а вториот е, дел од гласачите од шеста да се префрлат во петтата изборна единица, односно жителите на Дебар или на Центар Жупа да се префрли во шестата изборна единица.
Од ДУИ велат дека треба да се елиминираат сите можности изборите на 11 декември некој да ги прогласи за нелегитимни.
ДПА има други предлози. Го обновува своето старо барање дозволеното отстапување од една до друга изборна единица да биде не пет туку плус или минус еден процент. Вториот предлог на ДПА е гласачите да останат во истите изборни единици, а секоја единица да бира различен број пратеници.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, ќе поднесе предлог до координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДПА за ревидирање на границите на изборните единици и изедначување на бројот на гласачите.