Груевски на средби во Њујорк, разговарано за НАТО, изборите и мигрантската криза

од desk3
88 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во рамките на својата посета на САД, заедно со партиска делегација во чиј состав се членот на Извршниот комитет Никола Попоски и пратениците Владимир Ѓорчев и Александар Николоски, во Њуjорк имаа средба со претседателот на Советот за надворешна политика на САД Ричард Хас.

gruevski_kultura1-670x500

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека на средбата со Хас, Груевски ги афирмирал приоритетите на Република Македонија во однос на надворешната политика, при што особено била истакната заложбата за членството во НАТО алијансата како наша стратешка определба.

Груевски го запознал соговорникот со деталите од мигрантската криза, како и мерките што ги презема државата во насока на превенирање на пошироки последици. Истовремено Груевски го запознал Хас и со политичката состојба во државата, како и со значењето на претстојните избори како единствен излез од наметнатата политичка криза.

– Разговаравме за Македонија, за односите помеѓу Македонија и Америка, за предизвиците кои ги имаше и има државата, и можните идеи и начини за напредокот на Македонија во иднина, како и натамошните чекори што треба да се прават за разрешување на различните видови предизвици. Разговаравме за мигрантската криза и со предизвиците со кои се соочи Македонија во времето на мигрантската криза. Начинот на кој што се справуваше и сите ризици кои што произлегуваа и се уште произлегуваат од можноста таа повторно да се разгори. Разговаравме и за повеќе значајни работи во делот на односите помеѓу Македонија и САД, за нашето сојузништво, партнерство и за сите оние работи кои што може да бидат предмет на заедничка соработка во иднина. Наша стратешка заложба е земјата да се вклучи во НАТО и во ЕУ и во тој поглед разменивме мислења за натaмошните правци како да се работи да се оствари оваа наша стратешка цел, изјави Груевски.

Советот за надворешна политика на САД е организација со седиште во Њујорк, со повеќе од деведесетгодишна традиција и едно од највлијателните тела кое ги одредува насоките по кои се одвива надворешната политика на САД. Советот обединува политичари, дипломати, банкари и финансиери, професори од угледни универзитети кои се вклучени во креирањето на политичките процеси на САД кои се дел од нивната надворешна политика.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Њујорк остварил средба и со Џек  Росен, претседателот на Американскиот еврејски конгрес која, како што стои во соопштението, претставува влијателна тинк-тенк групација која располага со значителни финансиски средства и политичко влијание.

Груевски и Росен разговарале за добрите и пријателски односи кои се негуваат со еврејската заедница, чекорите што се преземани од страна на Македонија кон негување на традицијата и заштита на културното наследство на еврејската заедница присутна во Македонија.

Во соопштението се нагласува дека со оглед на тоа дека Американскиот еврејски конгрес претставува влијателна организација во САД се разговарало за можностите за зацрвстување на соработката и нивната помош во насока на интензивирање на македонско- американското пријателство.

Груевски претходно остварил средба и со Мајкл Михан, шеф на американското тело за набљудување на медиумите.

– Разговаравме за македонските напори да се унапреди ситуацијата и положба на државата на меѓународно ниво и за теми каде имаат напредок, како што е образованието, справувањето со проблемот на мигрантите и други области. Кога станува збор за членството во НАТО, Македонија работи напорно, ги поддржувам напорите на Груевски да се придружат во НАТО и значајно е да се земе предвид напорната работа која ја презема македонската Влада на тој план. Постојат на глобално ниво премногу предизвици, но Македонија и нејзиното раководство работат напорно државата да ја насочат кон правилна насока и правец, истакнува Михан.

Во Њујорк Груевски се сретнал и со Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атлантскиот совет која е единствена граѓанска организација на НАТО.

– Имавме одличен разговор со Никола Груевски. Зборувавме за посветеноста во остварување на целта за интеграција во НАТО на вашата земја, нешто на што заеднички работиме напорно. Македонија поминува низ важен период и важни избори кои престојат, исто како и Америка,  која го чека завршетокот на изборите и откако тие ќе поминат, ќе се внесе енергија и надеж во атланските интеграции со цел да се финишираат интеграциите на сите земји од Западен Балкан вклучително и Македонија, вели Вилсон./MИА