Секој погрешен чекор, судир на суети, изнасилени калкулации, писма со кој се бара цепкање на централно-десничарскиот блок и формирање друг блок, може да ја доведе во прашање победата и гласачката волја на мнозинството опозициско ориентирани граѓани, се наведува во соопштението на Фродем, кое им го честита на граѓаните 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и нагласува дека успешна, современа држава е онаа во која секој граѓанин си го наоѓа своето место и се вградува во нејзиниот напредок.

„Но, заедничкиот живот подразбира права, а не само обврски. Човекови, економски и социјални права. Државата не смее на едни да им е мајка, а на другите маќеа. Државата секогаш е една, а политичките погледи се различни. Затоа, да бидеме единствени, а различни. Да бидеме демократи. Како луѓе, пред се, но и внатрепартиски и меѓупартиски. Само такви може да успееме. Само така може да имаме држава од која наместо да се бега, секој ќе сака да остане и да живее пристоен живот под македонското сонце“, се наведува во соопштение.
„Времето е кратко. Поправен испит нема. Јасни се аналитичките показателите каков треба да е патот до победата и падот на режимот наспроти повредената суета на одредени партиски лидери и нивните индивидуални егоистички математики. Одговорноста е огромна како кај централно-десничарскиот блок така и кај најголемиот опозиционен блок предводен од СДСМ. Затоа, природно е заедничката антирежимска борба, но уште поприродно е секој блок да се обрати до своето гласачко тело, како нашиот центално-десничарски, така и левичарскиот блок. Волјата и определеноста на опозиционите центро-десничарски гласачи е сосема јасна“, се наведува во соопштението.