Груевски: Со фокус на економијата позитивни резултати и во политичка криза

од desk3
91 прегледи

Рангирањето на Македонија во првите 10 држави во светот и првите пет во Европа според условите за водење бизнис во најновиот извештај на Светската банка Дуинг бизнис, како и последните статистички податоци за растот на индустриското производство, според претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, покажува дека и во услови на политичка криза,  со фокус на економијата преку низа мерки и поддршка на стопанството, може да се постигнат позитивни резултати.

gruevski_kultura1-670x500

Значајно е, смета Груевски, што и во оваа година на политичка криза нема назадување на листата на Светската банка, туку напредок за две  позиции. – Од 12-то место сега се  пласиравме на 10-то местото, односно во првите десет во светот и во првите пет во Европа. Тоа укажува дека и покрај кризата останавме фокусирани на економијата и  отворањето нови работни места за невработените, на мерки со коишто  се подобрува економскиот стандард, се помага на компаните  кои што треба да отворат нови работни места, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања, по пуштањето во употреба на најсовремен центар за физикална и хидро терапија во ГОБ „8-Ми Септември“.

Според Груевски, растот од 5,4 проценти на индустриското производство за периодот јануари-септември годинава, што го објави  Државниот завод за статистика, е одличен податок особено што се случува, како што рече, во време на политичка криза и во време кога нашите политички опоненти, двапати предивикуваа одложување на изборите.

– На овој  начин се покажа дека дури и во вакви услови на политичка криза со максимален фокус на економијата можно е да се  задржи позитивна економска клима и да се продолжи да се дава поддршка на стопанските субјекти преку различни мерки, интервенции и чекори со коишто  се помогна на економијата, на стопанството, да може и во вакви  тешки услови да прави позитивни резултати и да има раст на индустриското произвдоство, рече Груевски.

Тој очекува да продолжи  намалувањето на невработенсота, како во изминатите квартали од оваа годинава, но и на останатите економски параметри.

– Очекувам тој тренд да продолжи, сега кога веќе е извесно  дека ќе има избори, а за мнозинството граѓани велам извесно е и каков  ќе биде нивниот исход, мислам дека до крајот на годината ќе продолжи овој тренд. Веќе следната година очекувам поголем раст на економијата, на индустриското производство, поголеми растови на сите  други економски параметри коишто мислам дека ќе ја придвижат економијата напред, изјави Груевски./MИА