Предпладневна изборна хроника- средби со граѓани

од desk3
65 прегледи

3359-silegov291016

Носителот на листата за пратеници на СДСМ во Шестата изборна единица Петре Шилегов денеска оствари средби со граѓани пред седиштето на општинската организација на партијата во Гостивар.

Шилегов изјави дека на средбите разговарале за проблемите коишто ги имаат гостиварци.

– Средбите ги започнавме со групата којашто е најмногу манипулирана. Им објаснивме дека Владата не им ги зголемува пензиите, туку тоа е обврска којашто мора да ја спроведе, рече Шилегов.

Тој, коментирајќи ја вчерашната изјава на неговиот противкандидат и носител од листата од коалицијата „За подобра Македонија“ Владимир Ѓорчев, рече дека изминатите десет години биле доволни за да се реализираат гасификацијата и изградбата на патиштата што ги најавуваат.

Шилегов, како што е најавено, ќе оствари средби и со жители од селото Беловиште, а попладне СДСМ ќе одржи предизборен собир во Центарот за култура АСНОМ.

 

Nikola-Todorov

 

Носителот на изборната листа од втората изборна единица од Коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Тодоров и кандидатите за пратеници од оваа изборна листа ги презентираа проектите од програмата „Реално“.

Тодоров истакна дека во рамки на мега проектот за набавка на медицински апарати за сите здраветсвени установи во вредност од 33 милиони евра за целата држава, предвидено е набавка на апарати и за општата болница во Куманово, во вредност од над 900.000 евра.

Посочи дека предвидена е набавка и на нов мамограф, со кој ќе се замени дотраениот, стар триесет години апарат со нов дигитален мамограф.

– Ќе биде ставен во функција за потребите на жените во Куманово и поширокиот регион, имајќи предвид дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените и од тој аспект констатиравме дека има сериозна потреба за обнова на оваа апаратура која што ја имаме во општа болница Куманово, но е веќе застарена и искористена, рече Тодоров.

Во рамките на проектот за набавка на опрема, појасни Тодоров, ќе се набават и дигитални рентгени, повеќе типови на ехо апарати, опрема во делот на гинекологијата, што е неопходна за сериозно подигнување на квалитетот на услуги што се даваат во здравствената установа.

– Во Куманово почнуваме со изградба на нов ургентен центар, веќе сите процедури се завршени и многу скоро ќе започнеме со реализација на она што е ветено во програмата, а тоа е изградба на нов ургентен центар за општата болница Куманово, со што сериозно ќе се подигне нивото на целата општа болница во Куманово, изјави Тодоров.

Регионалниот изборен караван на Коалицијата за Промени и Правда, предводена од Демократски сојуз, денес престојуваше во Кочани, каде Весна Стоименовска, носител на листата на изборна единица број 3,  разговараше со граѓаните  и ја презентираше Изборната програма на Коалицијата за Промени и Правда.
  На прес – конференцијата за медиумите  Весна Стоименовска им порача на жителите од овој регион  промените ќе започнат токму од истокот, така било од памтивек, така и ќе биде.
Во својата презентација на програмата таа го нагласи следното:

Граѓаните велат младите ни заминуваат, производството на ориз не се исплати, нема вработувања. Неофицијалната бројка е дека над 60.000 млади и работоспособни се иселиле од овој крај . Градовите од истокот се преполовени по број на жители. Тие не ги изнесоа само парите туку ги избркаа и младите.
Но, порачуваме ќе ги вратиме и парите украдени од граѓаните,  а ќе ги вратиме и младите. За поддршка и вработување на млади и стручни кадри ќе формираме фонд за млади во износ од 2% од Буџетот на РМ.
Како мерка за борба против сиромаштијата и одговор на зголемените  животни трошоци ќе ја зголемиме минималната плата на 300 евра, за што предвидуваме поддршка од Буџетот, пари кои ќе ги обезбедиме преку силни антикорупциски мерки, кратење на непродуктивните трошоци  и укинување на репрезентација на функционерите.
Како одговор на невработеноста, ќе се фокусираме на реална и максимална поддршка на отварање на мали и средни претпријатија со 3-5 вработени.

 

За брендот на Кочани, Весна Стоименовска, носител на листата на изборна единица број 3  на  оризопроизводителите им порача:  – ќе обезбедиме реална откупна цена за рентабилно производство и сигурен пласман, сите знаеме за злоупотребата на субвенциите во земјоделството. Е тоа ќе се промени! Не може држава со сите можности за земјоделски развој да увезува храна, а поради нерационалната владина политика, големи земјоделски површини да останат необработени.
Субвенциите ќе продолжат да се исплаќаат  навремено, но само на вистинските земјоделци. Кочани повторно ќе живне!