Вчера на огромниот митинг во Скопје, граѓаните на Македонија испратија јасна, гласна, масовна порака дека се за промени и дека се за живот во Македонија.
Ваква порака ќе чуеме и денеска во Дебар, во Струга, и во Охрид.
Денеска би сакала слична порака да испратам и до оние вработени во администрацијата коишто страдаат од притисоците од власта. До оние неопределени кои се уште размислуваат кому да му го дадат својот глас.
Придружете ни се да ставиме крај на заканите, на притисоците, на стравот. Придружете ни се да завртиме нова страница во македонската историја.
Гласот на секој е важен и одлучува. Гласот на секој одлучува дали во следните 4 години ќе има преживување или ќе имаме живот. Живот на младите во Македонија, живот на сите граѓани тука во Македонија.
Зад параванот сами одлучуваме, никој нема да знае за кого сте гласале.
Само со силата на пенкалото во своите раце ќе одлучите каде ќе тргне Македонија.
Убедени сме дека мнозинството граѓани во оваа држава посакуваат живот, живот на своите најмили тука во државата, во татковината.
Убедени сме дека на 11 декември со тоа пенкало во рацете ќе одлучите да дадете шанса за сите во нашата држава. За повисоки плати, за помалку притисоци, за подобри пензии, за парите кај граѓаните, за институции коишто ќе работат во служба на граѓаните, за правда, и за подобар живот овде во Македонија.
Се гледаме вечер во Струга и во Охрид.

Доделување неповратни средства во висина до 10 илјади евра за младите земјоделци кои влегуваат во земјоделскиот бизнис е една од мерките предвидени во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ што денеска претседателот на оваа партија и носител во Изборната единица 4 Никола Груевски ја претстави пред жителите на Ваташа.
Тој ги информираше земјоделците дека исто така е предвидено наместо досегашната 50 отсто поддршка за земјоделската механизација, таа да биде 60 проценти покриена од државата. Ќе бидат обезбедени и поволни кредити преку Македонската банка за поддршка на развојот наменети за земјоделците и преработувачите на земјоделските производи.
Лидерот на партијата и во ова населено место ги информираше земјоделците за поддршката што ќе биде обезбедена за следните четири години во висина од 600 милиони евра. Исто така, тој кажа дека ќе биде овозможена и 80 процентна поддршка за набавка на систем „капка по капка“, ископ на бунари и набавка на високоприносен добиток.
Во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, посочи тој, освен обезбедување проекти како „Купи куќа за млади“ е и обезбедувањето стабилна и сигурна работа. Меѓу бројните проекти се предвидува и Програма за кредитирања на претпријатија кои ќе вработуваат млади лица до 29 години. Исто така со Програмата за самовработување со кредитирање на млади лица до 29 години ќе им се обезбеди можност за подигање кредит во износ од 7 илјади евра со грејс-период од 18 месеци и период на враќање од 66 месеци. Оваа можност како што е предвидено ќе може да ја искористи носителот на претпријатието, додека пак за секој вработен ќе може да добие дополнителни 4 илјади евра, а максимумот ќе биде 5 вработени.
Во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е предвидено реконструирање на реката Луда Мара во Ваташа. Исто така, и ова село ќе биде дел од проектот „Рурални развојни зони“, а ќе се инвестира и во повеќе други проекти за овој крај и за Кавадарци. Реконструкција на патиштата Кавадарци – Неготино, Росоман – Кавадарци, како и целосна обнова на влезовите во градот, кажа Груевски.
Ќе бидат набавени апарати за здравствените установи во Кавадарци, ќе се ревитализира ХЕЦ „Тиквеш“ и друго.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски ги повика жителите од Ваташа да излезат масовно на изборите, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ очекува на изборите на 11 декември да ја добие најголемата победа во историјата. Не смееме да се врати старото време, рече Груевски, потенцирајќи дека во овие 2,5 години, но и понатаму опозициската партија им дава лажни ветувања на граѓаните. Само народот е тој што некого носи и симнува од власт, потенцира Груевски.
Централниот предизборен караван на Коалицијата за Промени и Правда,предводен од Демократскиот сојуз, денес престојуваше во повеќе населби, меѓу кои Маџир маало, во Скопје, каде се остварени бројни средби со граѓаните, при што презентирана им е Изборната програма. Скопјани се цврсто определени за промени, искажувајќи огромна поддршка на кандидатите за пратеници од Коалицијата за Промени и Правда, меѓу нив и за Павле Трајанов, носител на листата на првата изборна единица во Скопје, каде граѓаните искажаа силна поддршка за борбата против политичката мафија.
На прес конференцијата, Павле Трајанов, нагласи: “Само со поддршка од 10% од граѓаните ќе го демонтираме еднопартискиот, олигархиски и криминален систем. Таа поддршка ја имаме и гарантираме дека никогаш нема граѓаните да дозволат еден човек една партија да владее. Попусти се повиците да не се гласа за другите партии, Никола Груевски и Зоран Заев, бараат по 63 пратеници, за да не се промени ништо. Но народот знае дека само со новата сила, Коалицијата за Промени и Правда, ќе има баланс и одговорна власт.
Ние сме гарант за промени, воспоставување на систем на одговорност, стабилност во државата и економски развој рече Павле Трајанов.
Сигурни сме дека режимот ќе падне и Коалицијата за Промени и Правда заедно со сите други опозициони парти ќе ја преземе одговорноста за демократско владеење и формирање на Владин кабинет, од врвни експерти, креативни, чесни и високо морални личности.
Со економската програма создаваме исти бизнис услови за домашните и странските компании, предвидуваме 800 милиони евра за развој и 2% од Буџетот за проекти за вработување на младите, 300 евра минимална плата, 200 евра најниска пензија и најмалку 100 евра социјална помош.
Со отворање на над 30.000 илјади мали фирми ќе се вработат над 90.000 млади кадри.
На прес конференцијата, своите ставови ги презентираа и Слободан Богоески носител на четвртата изборна единица и Јове Кекеновски носител на втората изборна единица.
Слободан Богоески истакна : за помалку од еден месец, Коалицијата за Промени и Правда доживеа голем успех и прифатена е од народот како општонароден фронт, симбол на борбата на народот против режимот. Вооедно, таа е симбол и на надежта на народот за подобро утре, за промени на вредностите на кои почиваше еднопартиската власт во изминатите 25 години.
Ние сакаме слободна и демократска Македонија, во која власта ќе се плаши од народот, а не како што беше до сега.
Сакаме Промени и Правда за сите и перспектива за малдите како би го запреле процесот на масовно иселување од Македонија.
Јове Кекеновски рече: ги повикувам сите чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ кои се разочарани од актуелното и криминализирано партиско раководство на кое мошне им е јасно дека нашата партија е приватизирана и узурпирана од фамилијата и се користи исклучиво за лукративни цели- својот глас да го дадат за Коалицијата за Промени и Правда во која партиципира и ФРОДЕМ.
Исто така ги повикуваме и сите разочарани СДСМОВЦИ како и сеуште неопределените да го дадат својот глас за оваа автентична демократска коалиција.
И едните и другите покажаа дека на прво место им се партиските и личните интереси а потоа останатото.
На државата гледаат како на крава молзница која и едните и другите ја цицаат веќе 25.
Гласот за Коалицијата за Промени и Правда е глас за промена на црно белата боја.
Тоа е глас за стоп на криминалот и корупцијата. Глас за промена на режимот.

Коалицијата ВМРО за Македонија во целост ја поддржува декларацијата за ефективни здравствени политики за млади лекари и докторите специјализанти во Република Македонија предложена од Асоцијација на специјализанти и млади лекари.
– Коалицијата ВМРО за Македонија ги препознава заложбите на Асоцијација на специјализанти и млади лекари ги подобрат условите и правата кои ги имаат младите лекари и специјализанти кои се на многу ниско ниво како и општите услови во нашето здравство. Младите лекари и специјализанти се едни од клучните алки на нашиот моментален здравствен систем од примарното, па се до секундарното и терциерното здравство, се вели во денешното соопштение од коалицијата.
Недозволиво е, се наведува во соопштението, специјализантите на приватна специјализација и покрај тоа што плаќаат за својата едукација и секојдневно одат на работа и ги извршуваат своите работни обврски да не добиваат соодветна плата.
– Недозволиво е специјализантите на државна специјализација да се приморани да потпишуваат договори за лојалност со болниците на 10 или 15 години покриени со меници од над 100.000 евра. Неприфатливо е видеоснимањето и емитувањето во живо преку интернет за време на колоквиумите и испитите како и губење на специјализацијата при боледување подолго од 12 месеци или породилно подолго од 24 месеци, велат од коалицијата ВМРО за Македонија.

Партијата „Левица“ денеска во центарот на Прилеп имаше средби со граѓани на кои им ја претставуваше програмата на партијата и мерките кои ќе ги преземе доколку ја добие довербата на граѓаните.
Според Митко Ноколов, носител на листата во четвртата изборна единица, мерките на „Левица“ се насочени кон зголемување на животниот стандард на сиромашните на сметка на зголемување на даноците спрема богатите и намалување на платите на фунционерите.
– Мерките на „Левица“ се насочени кон тоа минималната плата да биде 15.000 денари, враќањето на хранарината и на превозот кои беа укинати по воведувањето на концептот бруто плата, а регресот за годишен одмор „К-15“ да се регулира со закон, рече Николов.
Наместо социјална помош „Левица“, како што посочи, ќе воведе минимален загарантиран приход од 6.000 денари за едночлено, до 13.400 денари за петчлено семејство.
– Ќе предложиме воведување прогресивни даноци, богатите ќе плаќаат поголема стапка од сиромашните кои ќе плаќаат минимално или воопшто нема да плаќаат данок, истакна тој.
„Левица“, додаде Николов, има мерка за укинување на приватните извршителски канцеларии и враќање на извршителите во судовите. – Ќе се залагаме за намалување на банкарските камати и провизии. За земјоделците ќе има загарантирани откупни цени, а ќе се зголеми цената на тутунот како стратегијска култура, рече тој.
„Левица“ пред прилепчани го претстави и канидатот на листата од Прилеп, Дамјан Божиноски./MИА