(ВИДЕО) Предпладневна изборна хроника

од desk3
78 прегледи

Денеска сме во Кичево и подаваме рака кон сите граѓани за заеднички живот без разлика на различностите, без разлика на припадноста, без разлика на тоа за која политичка партија гласале, на кој јазик говорат, или на која етничка припадница припаѓаат.

Сите сакаат живот во Македонија, а кога зборуваме за живот во Македонија, мислиме на повисоки плати и пензии.

Кога зборуваме за заеднички живот, зборуваме за минимална плата која веднаш ќе ја покачиме 12.000 денари, со цел чекор по чекор да порасне на 16.000 денари. Мислиме на просечна плата од 30.000 денари со која може да се прехрани семејство, со која може да се обезбеди пристоен живот.

Кога зборуваме за живот во Македонија, мислиме и на пензии коишто 2 пати годишно ќе ги усогласуваме со порастот на плати и порастот на трошоци.

Животот во Македонија, за нас, значи и фер даноци. Оние коишто имаат помалку да плаќаат помалку, живот во Македонија значи и поврат на 15% од ДДВ-то.

Во нашиот План за живот во Македонија ќе ги поддржиме домашните претпријатија со 140 милиони евра, 100 пати повеќе од она што денеска го добиваат од владата во заминување.

Целта ќе ни биде со повеќе пари во домашните претпријатија да влијаеме во зголемувањето на бројот на работни места и на зголемување на платите.

На тој начин младите ќе ги задржиме овде во Македонија.

На 11 декември гласајте за број 4. За живот во Македонија.

 

Нова спортска сала во Муртино, финализирање на реконструкцијата на патот Еднокуќево – Муртино во должина од еден километар и вредност од пет милиони денари, нова детска градинка во Муртино, санација на греењето во ОУ „Маршал Тито“ и изградба на гасовод од Штип преку Хамзали – Струмица – Гевгелија до грчка граница од која корист ќе има и Муртино, вети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ 4 Никола Груевски на денешната средба со жителите на струмичкото село Муртино.

– За Струмичко се предвидуваат многу проекти, меѓу кои е и доизградба на болницата во Струмица во вредност од четири милиони евра од која корист ќе имаат околу 230.000 жители, набавка на нови 125 медицински апарати за здравствените установи во Струмица, изградба на две нови детски градинки во Струмица, затворен пливачки базен со ватерполо димензии, четири тениски терени, две повеќенаменски и четири баскет игралишта и една отворена фитнес зона. Покрај тоа, планирана е и доизградба на театарот која е почната од темели, како и реконструкција на Културниот дом „Антон Панов“, рече Груевски.

Нагласи дека нивен фокус во наредните четири години ќе биде вработување и сопствен дом за секој човек. Посочи дека е планиран и проект „Од град во село“ за кој државата ќе нуди по 6.000 евра финансиска помош за сите оние што ќе се одлучат да го напуштат градот и да отидат во село и да започнат земјоделски бизнис.

– За нив ќе важат и сите останати поволности што се нудат за земјоделците, а во првите 18 месеци ќе добиваат и по 15.000 денари додека не стигне првиот род. Услов е еден од брачните сопружници да биде помлад од 45 години, рече Груевски.

Потсети на успешниот проект „Купи куќа за млади до 35 години“ и најави нов проект кој ќе стапи на сила веднаш по изборите и ќе биде наречен „Купи куќа за лица над 36 години“. Со овој проект, како што кажа, државата седум години ќе кофинансира 65 отсто од ратата и каматата, а во наредните три години кофинансирањето ќе изнесува 35 отсто.

Груевски потсети и за сите поволности што се нудат за земјоделците и за руралниот развој и нагласи дека до август  2006 година кога дошле на власт воопшто немало субвенции за земјоделци, а во последните четири месеци од годината веднаш е направен ребаланс и 17 милиони евра им се доделени на земјоделците како субвенции. Во наредната 2007 субвенциите пораснале на 20 милиони евра, во 2008 на 45 милиони евра, 2009 – 70 милиони евра, 2010 – 110 милиони евра, за сега да достигнат од 140 до 150 милиони евра.

– Кога дојдовме на власт погрдно не нарекуваа земјоделска партија, но ние се гордееме со тоа. Земјоделците го препознаа тоа и очекувам масовна поддршка на 11 декември за да кажеме не на политиките на Зоран Заев и на неговите поддржувачи од надвор и да им докажеме дека народот е мудар, знае да оцени и да процени за кого треба да гласа, потенцира Груевски.

Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и носител на листата за пратеници во првата изборна единица  на Коалицијата за Промени и Правда, разговараше со граѓаните од Козле, Тафталиџе, Хром и Влае, во Скопје, каде граѓаните искажаа огромна поддршка и цврста определеност, на 11-ти декември, да направат пресврт и овој криминален режим да се соочи со лицето на правдата. Граѓаните барат стабилност, единство и повисок стандард.
Граѓаните го издржаа овој силен невиден притисок од разулавената банда на  власт, протестиравме заедно по улиците, трпевме, понекогаш  имаше привид дека не поразиле, но јас сум сигурен дека сите заедно им спремаме дебакл, ќе видат вечерта на 11-ти декември каква одлука донел народат “марш да ве нема од власта”, посочи Павле Трајанов, повикувајќи ги тие што се уште се колебаат, да ни се приклучат  и со масовно гласање да ја завршиме работата, да го „треснеме“ од земја овој криминален режим.
Во Република Македонија овој режим социјално не раслои, само фамилијата на власт и криминалните бизнис структури или околу 2% се екстремно богати со капитал стекнат на криминален начин, а сите други се гушиме во сиромаштија и долгови, рече Павле Трајанов, на прес конференцијата.
Криминалот разорно делува, ги разнебити институциите, ги загрози перспективите на Државата, затоа ние сме за системски промени и пред се за одговорно владеење.
Ќе расчистиме со политичката мафија, ќе го конфискуваме криминално стекнатиот имот и над 6 милијарди евра на сметките во странските банки на актуелни и поранешни функционери, бизнисмени, олигарси и тајкуни, ќе ги вратиме на граѓаните.
Со економската програма создаваме услови за отворање на над 30.000 мали фирми во компјутерската дејност, консалтинг услуги, туризмот, земјоделието, прехранбената индустрија, трговијата, транспортот и сл. Во овие фирми ќе се вработат од 90.000  до 150.000 млади, креативни и стручни кадри, но и можност одлични менаџери да се вратат од странство.
Влез во НАТО и ЕУ, без промена на Уставното име, и воспоставување на стандарди и вредности преку владеење на правото.
Ќе ја вратиме позорната служба  (полицијата), во населбите и на тој начин ќе ја зголемиме безбедноста на граѓаните и заштитата на нивниот имот.

Претседателот на ВМРО-НП и носител на кандидатската листа за пратеници во изборната единица 4 на Коалицијата „ВМРО за Македонија“ Љубчо Георгиевски денеска од Струмица порача дека ќе предложат мерки за подобрување на состојбата на земјоделците.

– Земјоделските субвенци ги воведе нашата влада во периодот 1998-2002. Правевме и активни откупи на секој производ кој ќе дојдеше во криза. Како резултат на тоа имавме неповторливи цени на производи. Пред 15 години цената на житото беше 13 денари, денес е 7 денари, цената на млекото беше 25 денари, денес 15-17 денари. Пиперките пред 15 години се продаваа по 30 денари, а денес одвај 12-13 денари. Во таа насока продолжиме и ќе воведеме загарантирани минимални откупни цени, рече Георгиевски.

Влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО ќе значи и најмалку двојно зголемување на висината на субвенциите кои ќе доаѓаат од Брисел, како и зголемување на конкурентноста на македоснкиот земјоделски производ на отворените европски пазари, смета Георгиевски.

– Во делот на нашите економски политики планираме да ја смениме праксата ДДВ да се плаќа на испорачана фактура, напротив тогаш кога фактурата ќе биде исплатена. Автомобилите ќе бидат ослободени од ДДВ, под услов ако станат дел од основните средства на фирмите што мислам дека ќе е од корист за многу фирми и граѓани. Казните ќе бидат драстично намалени, како што беа во време на нашите 4 години, рече Георгиевски. Најави воведување на можноста за предвременото пензионирање до 5 години без разлика дали стажот сака да го откупи поединец или фирма со што од Коалицијата ВМРО за Македонија очекуваат да ослободат повеќе илјади работни места./MИА