Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавуви објавувањето на романот „Смила го чувствува снегот“ од данскиот писател Петер Хег. Оваа „зимска“ книга е вистински избор за овој период од годината и совршено „друштво“ за претстојните празнични денови. Преводот на македонски е на Лара Крстева-Ичокаева.
Смила Јесперсен, половина Данка, половина Гренланѓанка, се обидува да ја растајни чудната смрт на едно момченце што паѓа од врвот на зградата во која таа живее. Полицијата веднаш објавува дека е несреќен случај. Но Смила знае дека нејзиниот сосед не паднал сам од покривот. Детството поминато на Гренланд ѝ дава можност поинаку да гледа на снегот и, кога ќе сфати дека стапалките на детето покажуваат дека тоа трчало по снегот пред да умре, одлучува да открие кој го бркал. Како што се обидува да ја реши мистеријата така открива редица заговори и прикривања на вистината и сфаќа дека не може никому да верува. Истрагата ја води од улиците на Копенхаген до замрзнатиот Гренланд.
Овој роман е еден од најфасцинантните трилери на сите времиња. Петер Хег стана светски познато име токму како автор на овој бестселер од 1992 година, според кој е снимен и филм во 1997 година, со Џулија Ормонд и Габриел Брн во главните улоги. Изданието на англиски јазик е испечатено во тираж од 4 милиони примероци, што претставува вистинска сензација за дотогаш непознатиот дански писател. До денес романот е продаден во над 20 милиони примероци низ светот.
Во издание на „Антолог“, конечно и македонската читателска публика ќе има можност да го прочита ова врвно дело, кое веднаш по објавувањето од многумина било прогласено за книга на годината, меѓу кои и списанијата „Тајм“ и „Пипл“.
Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Петер Хег (1957) е еден од најзначајните дански писатели на XX век. Завршил книжевност, а потоа и актерство и танц. Работел како актер, танчар, морнар, писател. Многу патувал, особено на Карибите и во Африка. Извесен период своите приходи ги прелевал во фондација за поддршка на жените и на децата во Африка и на бегалските кампови во Индија. Живее во Данска, заедно со својата сопруга со потекло од Кенија и со двете ќерки.
Лара Крстева-Ичокаева е родена во 1971 година во Скопје. Завршила гимназија во Еснес, Данска. Дипломирала германски и француски јазик и литература во Загреб, Хрватска. Магистрирала во Женева, Швајцарија, на тема од областа на современата француска литература. Има мастер и од деловно право. Работи како раководител на Германската стопанска комора во Република Македонија. Преведува од дански, германски, француски, српски и од хрватски јазик.