Огромниот судир меѓу две ѕвезди може да доведе до појава на нов светол предмет на небото, сметаат астрономите.
Според нив контактот на двата небесни објекти кои се наоѓаат на 1800 светлосни години од Земјата, ќе доведе до појава на нова ѕвезда, која сепак ќе биде видлива само во рок од две или три години.
Ова е прв пат во кој експерти се обидуваат да проценат кога ќе се случи сличен по обем ѕвезден удар, бидејќи постои шанса “една на милион” да се предвиди однапред појавата на нова ѕвезда, пишува научното списание “Сајанс алерт”.
Според астрономот Лери Молнар и неговиот тим од колеџот “Калвин” во Мичиген токму тоа може да се случи со бинарната ѕвезда KIC 9832227. Бинарните ѕвезди претставуваат две одделни ѕвезди кои се вртат една околу друга со исклучително голема брзина. Во случајот KIC 9832227 е контакт бинарна ѕвезда, т.е. двата објекта во неа се наоѓаат исклучително блиску еден до друг и споделуваат делумна заедничка атмосфера.
Според научниците двете ѕвезди се приближуваат сè повеќе и повеќе една кон друга, што може да доведе до нивниот судир во 2022 година. Овој процес се нарекува “црвена нова” и предизвиканата од него експлозија ќе ја зголеми осветленоста на објектот 10 000 пати – доволно за да биде виден од Земјата.