
Доскорешната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, денеска јавно ја повика Амбасадата на САД во земјава да појасни дали сугерира да нема нови парламентарни избори и дали тоа е официјален став на новата администрација на САД.
Во дописот од ВМРО-ДПМНЕ се нагласува дека еден ден откако партијата порача дека ситуацијата е зрела за нови парламентарни избори, Амбасадата на САД во одговор на новинарско прашање ги повикала партиите да ги продолжат разговорите за формирање нова влада. Потсетувајќи дека таа порака доаѓа еден ден откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го повика претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот за нова влада нему, ВМРО-ДПМНЕ побара Амбасадата на САД да се изјасни официјално.
„Со оглед на дискусиите во јавноста што ги отвори овој став на Амбасадата, ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали нивната позиција значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова влада? Ова прашање го поставуваме јавно бидејки ставот на Амбасадата беше изнесен јавно и создаде конфузија при неговата интерпретација во јавноста, па би било добро и појаснувањето да е јавно“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.