ВМРО-ДПМНЕ: Како ЕУ очекува Иванов да определи лидер за формирање широка влада?

од desk2
95 прегледи

Македонија нема време за чекање, но портпаролката на Европската Унија, Маја Коцијанчич, треба да објасни на основа на кој дел од Уставот на Македонија, ЕУ очекува претседателот Иванов да определи лидер за формирање „што е можно поширока влада“, како што посочи вчера, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него од партијата додаваат дека „за да нема недоразбирање и дилеми кај македонската јавност, пожелно е одговорот на ЕУ, исто така да биде јавен“.

– Секоја држава, особено источно-европските земји имаат потреба од континуирани реформи преку промени на законите, за кои понекогаш е потребно и поголемо мнозинство, како што е двотретинското кое во Македонија е неопходно за промена на некои закони. Сепак, земјите ретко составуваат влади со двотретинско мнозинство. Дури и во таква ситуација, некои од нив понекогаш преку разговори и дебата со опозицијата во парламентот успеваат заеднички да изгласаат закони за чие прифаќање треба поголемо мнозинство во парламентот отколку тоа што го има владеачката коалиција. Такви случаи имаше многупати и во Македонија, кога владејачката гарнитура успеваше за некои реформски закони да обезбеди поддршка во парламентот од опозицијата, што говори дека и без двотретинско мнозинство може да се прават реформи – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука, од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали ЕУ има воспоставена практика при секое формирање влада во земјите членки на ЕУ и кај кандидатите за членство, јавно да повикува на создавање „што е можно поширока Влада“ или таквиот повик ѝ бил упатен само на Македонија.