Средба на лидерот на ДУИ со шведскиот амбасадор во Македонија

од desk2
72 прегледи

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска во седиштето на партијата во Тетово се сретна со амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон со кого разговараше за актуелната политичка состојба и за преговорите меѓу политичките партии во Македонија.

ДУИ соопшти дека Ахмети го информирал Стафансон оти како партија успеале да ги заокружат преговорите за законот за употреба на албанскиот јазик, како и точките од Заедничката изјава на албанските политички партии, додека за другите прашања, како што се наведува, се чекаат процедурални случувања во земјата во врска со мандатот за формирање влада.

Лидерот на ДУИ истакнал дека како партија сé уште немаат одлучено дали ќе останат во опозиција поддржувајќи малцинска влада или ќе бидат дел од новата влада.

Говорејќи за развојот на настаните во земјата, Ахмети посочил дека протестите се демократско право на изразување незадоволство, но оти не треба да имаат етничка и насилна димензија, со што го осудил синоќешниот напад врз новинарите.

Двајцата соговорници разговарале и за локалните избори, како и за потребата од што поскоро конституирање на Собранието на Република Македонија.