ВМРО-ДПМНЕ :Телевизија Нова е цел, зошто без цензура го пренесува гневот и револтот на народот од прифаќањето на „тиранската платформа“

од Vladimir Zorba
84 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение наведува дека Специјалното јавно обвинителство е целосно поставено и трансформирано како извршен орган на Социјалдемократскиот сојуз.

– Во моментов СЈО ја реализира финалната фаза од битката на аболицираниот криминалец Зоран Заев против сите медиуми кои не се под контрола на Бихаќка. СЈО влегува во отворена пресметка со сите медиуми кои беа прогласени лично од Зоран Заев за негови најголеми непријатели, изјави на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

СЈО, како што рече тој, крајно непрофесионално и селективно врши притисок и удира врз медиумите обидувајќи се да ги цензурира и да ги заплаши за да престанат да известуваат за политиките на СДС кои се спротивни на највисоките државни и национални интереси на Република Македонија.

– Прва на удар очигледно е Телевизија Нова. Телевизија Нова е на удар затоа што не ги премолчува и не ги релативизира протестите кои секојдневно се случуваат на улиците, секаде низ државата. Телевизија Нова без цензура го пренесува гневот и револтот на народот од прифаќањето на „тиранската платформа“ и несогласувањето со пазарењето со државните и национални интереси, која што го прави СДС, рече Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи, гласаше за СЈО кое професионално, непристрасно и неселективно ќе си ја врши својата работа.

– ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за СЈО што ќе биде прв соработник и послушник на аболицирани криминалци и ќе служи како општинска организација на криминогеното раководство на Социјалдемократскиот сојуз. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за СЈО кое ќе заплашува, цензурира и затвара медиуми. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за СЈО кое ќе вработува роднини и партиски членови од СДС и ќе ангажира функционери и поданици на аболицираниот криминалец Зоран Заев како експерти, истакна Димовски.

Според него, со самото откажување од случајот „Пуч“, со пуштањето од притвор на Верушевски и со сегашниот атак кон медиумите, СЈО потврди дека нема ниту една рационална причина за продолжување на неговиот мандат.

Димовски истакна дека секој треба да работи согласно законот и Уставот и никако поинаку и оти секое прекршување на позитивните законски норми и Уставот на РМ повлекува морална, но и правна одговорност.

– ВМРО најостро го осудува обидот да се задуши демократијата и медиумските слободи во Република Македонија чија цел е всушност целосно редефинирање на државата Република Македонија. Однесувањето на Катица Јанева најдобро го покажува недемократскиот капацитет на Зоран Заев кој загуби на изборите, но ја има власта во СЈО, нагласи Димовски.