Тодоров ги довел во ризик и бебињата во возилата на Итната помош, обвинува СДСМ

од Vladimir Zorba
77 прегледи

Набавените 69 возила на Итната медицинска помош, до кои се сликаше Никола Тодоров, немаат приклучок за инкубатор за бебиња, затоа бебињата за кои е потребна итна интервенција се превезуваат со стари возила кои често се расипуваат, обвинија денеска од СДСМ.

– Откако завршија два човечки животи во возило на Итната медицинска помош кое што се расипа на патот од Крива Паланка кон скопските клиники, деновиве во ризик е доведен и живот на бебе! Според информациите што ги име од Охрид кон Скопје било превезувано бебе во старо возило на Итната медицинска помош, кое што се расипало на Стража. Поради тоа бебето на Стража било префрлено во друго возило на Итната помош. Во старо возило на Итната помош и завчера било пренесувано друго бебе, исто така од Охрид кон Скопје – изјави денеска на прес-конференција пратеничката во Собранието и претседател на комисијата за здравство на СДСМ, Јагода Шахпаска.

Таа истакна дека ова е уште еден доказ за несовесните политики во здравството, кои, како што рече, мора да бидат спречени.

– Несоодветните возила на Итната помош за коишто се дадени милиони евра пари на граѓаните и негрижливото одржување на возилата уште еднаш покажуваат дека Никола Тодоров беше министер за тендери, а не за здравство. Тодоров, Груевски и нивните соработници наштетија на граѓаните и го доведоа во ризик нивното здравје. Во програмата на новата реформска влада, здравјето на граѓаните е врвен приоритет – рече Шахпаска./МЕТА