СЈО: Врховниот суд бара информација за изземање на судија, но нема да му одговориме

од Vladimir Zorba
97 прегледи

Барањето што Врховниот суд на Република Македонија минатиот четврток го испратил до Специјалното јавно обвинителство се однесувало на информација поврзана со барање за изземање на судија од овој суд, соопштија попладнево од СЈО.

Од СЈО не прецизираат за кој судија станува збор, а на прашање на „Мета“ оттаму велат дека не се работи за изземањето на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Сепак, од Специјалното јавно обвинителство нема да испратат одговор на барањето од Врховниот суд, за, како што велат оттаму, да не се влијае на исходот од постапката.

„Во согласност со Законот за кривична постапка, во постапката за изземање на судија задолжително дејство е прибавувањето изјава од судијата. Со оглед на тоа што бараната информација може да се добие од самиот судија за кој е барано изземањето, ова јавно обвинителство нема да обезбеди одговор за да не се влијае на исходот на постапката“, стои во соопштението на СЈО.

Оттаму велат дека се свесни за итноста на постапките, додаваат оти СЈО не влијае на нивното одолжување и апелираат начелото на итност да биде соодветно применувано и при постапувањето со нивните барања.

Инаку, седницата на која Врховниот суд ќе одлучува за барањето за изземање на Вангеловски и закажана за утре./МЕТА