Данев: Мнозинството поради партиски интереси ги пролонгира локалните избори

од Vladimir Zorba
91 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ кажа дека почетокот на јули е најповолниот датум за одржување на локалните избори, во интерес на граѓаните, но парламентарното мнозинство сметаше дека нивен партиски интерес е да го пролонгира терминот и практично да го избере последниот што сметавме дека е рационален. Но ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да излезе на избори и во јули и во октомври бидејќи знаеме дека народот е на наша страна, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев на прес-конференција.

– Очекуваме дека новото парламентарно мнозинство овој пат ќе си остане на зборот, бидејќи во спротивно ризикува поради нивната неподготвеност да ја доведат во прашање локалната самоуправа како една врвна демократска придобивка и право на граѓаните – рече Данев.

Тој повторно го изнесе барањето на ВМРО-ДПМНЕ, во исто време со локалните да се одржат и нови парламентарни избори, за „граѓаните да може да се произнесат и за Тиранската Платформа“.

– Секој нов обид за неуставни и незаконски потези, само дополнително ќе ја продлабочат кризата во Македонија – порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Данев рече дека ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на денешната координација во Собранието, оти „останува на ставот дека Талат Џафери не е избран во легална процедура за претседател на Собранието и тој таа функција само бесправно ја узурпира“, а го признава само како легално избран пратеник./META