Научниците тврдат дека откриле можен нов слој тектонски плочи во земјината кора, кој би можел да ја објасни мистериозна серија земјотреси во Тихиот Океан, пишува денеска британскиот весник “Гардијан”.
Во текот на повеќе од половина век научниците знаат дека континентите се движат по површината на нашата планета, што доведува до кинење на океанското дно, каде излегува магма од земјината кора која ги исполнува неодамнешните отвори. Процесот води и до друг феномен наречен субдукција, при што плочите навлегуваат една под друга и влегуваат во кората.
За време на конференцијата на јапонската геонаучна унија екипата на Џони Ву од Универзитетот во Хјустон презентираше докази за можното постоење на тектонски плочи внатре во самата кора.
Според истражувањето овие плочи влегле во површинскиот слој на кората, познат како “транзитна зона” со дебелина од 440-660 км. под површината пред милиони години. Тие се движат хоризонтално со брзина речиси еднаква на онаа на плочите на површината. Движењето на овие плочи би можело да ја објасни мистериозна серија од многу длабоки земјотреси, познати како земјотреси Витјаз, чие потекло е во кората меѓу Фиџи и Австралија.
Исто како што познатите досега тектонски плочи на површината се наведнуваат и кинат, така и оние во кората предизвикуваат земјотреси при движењето. Според Ву и неговите колеги земјотресите Витјаз може да се должат на токму такво движење.
“Во пракса 90% од длабоката сеизмичност на Земјата (на длабочина под 500 км) се појавува во областа Тонга, каде ја најдовме нашата долга и рамна плоча”, изјави Ву, цитиран од весникот “Гардијан”.