ВМРО-ДПМНЕ: До мај Министерството за одбрана имаше пари за сите функции на одбраната

од desk3
67 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на тврдењата изнесени на денешниот брифинг во Министерството за одбрана наведува дека буџетот на Министерството е во добра кондиција и оти заклучно со мај имало доволно средства за извршување на сите функции на одбраната.

–  Точно е дека на ставката расходи за дневници за ангажманот на АРМ на јужната граница како и за стражарска служба се потрошени повеќе од планираните и затоа уште во април е побарано пренамена на средства од други ставки. Тоа е техничка операција, која Министерството за финансии, формално треба да ја одобри, бидејќи има доволно средства на другите ставки на буџетот, се вели во реакцијата.

Во однос на четирите договори со компанијата Елбит од Израел кои се поништени, ВМРО-ДПМНЕ појаснува дека тоа е сторено по писмено барање на началникот на Генералштабот на АРМ.

– По двете писма добиени од началникот на Генералштабот на АРМ и состаноците со компанијата која беше избрана како најповолна, беше очигледно дека ГШ на АРМ не беше подготвено да влезе во последната фаза, односно имплементација на договорите. По извештаите на работните групи за имплементација на договорите на последните средби на 28 и 29.05.2017 година беше донесен заклучок дека е најдобро да се поништат овие договори. Со компанијата Елбит беше договорено дека нема да има никакви негативни финансиски импликации врз Министерството, се наведува во реакцијата.

Во однос на трошоците за мебел, ВМРО-ДПМНЕ посочува дека во март годинава е пуштен во употреба новиот трет спрат на Министерството за одбрана и оти согласно тоа набавен е нов мебел за над 50-тина нови канцеларии. – Сите средства од буџетот се потрошени за подобрување на условите во кои работат лицата во Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ. Ниту еден денар не е потрошен за опремување на кабинетот на министерот за одбрана, заменик министерот, ниту пак советниците на Министерот, вели ВМРО-ДПМНЕ.