Државниот јавен обвнител Марко Зврлевски, за чие разрешување се расправа во Собранието на барање на СДСМ, попладнево се обрати пред пратениците и рече дека поради негативната кампања што се води против него во медиумите, свесен е дека и со него ќе се случи тоа што им се случило на неговите претходници јавни обвинители кои биле разрешени поради нестручност и неспособност.
– Никој од нив не беше нестручен и неспособен, така и вие доколку ме разрешите како нестручен и неспособен воопшто нема да ме погоди. Во најмала рака ќе бидам во редот на најдобрите. Со мирна совест, пред вас овде и пред македонската јавност, ве уверувам дека во изминатите четири години работев одговорно и совесно, само врз основа на законот, Уставот и правилата во Јавното обвинителство. Во јавноста сум познат дека немам врска со политиката и дека сум наречен добар обвинител, така што немам партиски старешини, па со разрешувањето нема да почнат реформате, ниту ќе се врати довербата во судството, правосудството или јавното обвинителство. Останува на вас да оцените, им порача на пратениците.
Во однос на образложението на барањето за негово разрешување и за пропустите за кои го прозиваат, Зврлевски рече дека Јавниот обвинител на РМ нема обврска да поведува кривична постапка, да запира постапки и да одлучува дека нема да се поведат постапки и дека основните јавни обвинители се самостојни во своето постапување и тие одлучуваат.
– Никој не може по закон да влијае на нивната работа. Секое влијание, но и прифаќањето на влијанието покажува дека е сторена злоупотреба на службената положба. Јавниот обвинител на РМ Марко Зврлевски не влијаел на никој да не поведе или да поведе постапка. Јавниот обвинител на РМ не предлага, не разрешува и не избира јавни обвинители. Со тоа е отстранета и претпоставената можност да се влијае на јавните обвинители. Тоа што кажувам дека не поведувам постапка не значи дека во одредени случаи од интерес на јавноста, одредени важни случаи не сум запознаен со случаите – апсолутно сум бил во тек со сите важни случаи, истакна Зврлевски.
Одговори за спомнатите случаи и рече дека дека немало никакво погрешно постапување во „Актор“, за кој, како што кажа, се уште не е завршена истрагата која се води подолго време и во која се сослушани стотици сведоци и прибрани се бројни материјални докази кои се разменети со Европската агенција за справување со финансиски истраги.
Нема, рече Зврлевски, никакво погрешно постапување во случаите „Македонска банка“, бидејќи сослушани се сведоци и прибавена е целокупната документација за финансиски трансакции за купување акции, а одлуката е дека нема докази.
– Барањето за заштита на законитоста со случајот „Сеад Кочан“ е апсолутно законито и издржано. Тоа го признаа и професорите, ја оспорија само формата. Јавниот обвинител не побара укинување притвор. Јавниот обвинител побара само да се отстранат незаконитостите во постапувањето и во првостепената и во второстепената пресуда. За случајот „27 април“ отворено, прецизно и јасно е отворена истрага за истражување на сите околности. Сите наредби од страна на обвинителот се дадени благовремено за откривање на сите дејствија. Истрагата не е запрена и се води компетентно и стручно и во зависност од МВР. Јавното обвинителство не е орган на откривање. Јавното обвинителство е орган на гонење. Тоа што ќе открие МВР, Јавното обвинителство сигурно дека ќе го процесуира, рече Зврлевски.
Во однос на протекувањето на снимките од посебните истражни мерки за одредени случаи рече дека е спроведена истрага прво во самото Обвинителство. – Она што можам да ви кажам сега е дека со сигурност е утврдено само едно – дека тоа не потекнува од ЈО на РМ. Истрагата е во рацете на МВР, додаде Зврлевски.
Мислењето на Советот на јавни обвинители како прилог кон предлогот на Владата за негово разрешување Зврлевски го нарече „посебен преседан“, зашто Советот не ја објаснил основата на таквото мислење, а наназад четири години позитивно ги оценувал сите извештаи за работењето на јавните обвинители.
Зврлевски за себе рече дека е речиси 30 години во Јавното обвинителство и стручно и успешно завршил стотици предмети од секаков вид и карактер, а како менаџер на институција се трудел да го подобри статусот финансиски и професионален на јавните обвинители и на другите вработени во Јавното обвинителство. Притоа нагласи дека кога дошол на оваа функција, во ЈО на РМ немало ниту службени телефони и компјутери.
По излагањето на Зврлевски, координаторот Антонио Милошоски побара еден час пауза за да го добијат стенограмот од обраќањето на јавниот обвинител.
Претходно патениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека целта на барањето на СДСМ за разрешување на Марко Зврлевски е реваншизам на нивниот лидер и премиер Зоран Заев затоа што јавниот обвинител против него ги покренал обвиненијата за предметите Пуч и Поткуп. Сметаат дека се прави политичка хајка за Заев да се спаси од кривичен прогон
Говорот во кој заменик-министерот за правда Оливер Ристовски ги образложи причините за разрешување, според пратениците од опозицијата покрај тоа што бил многу краток, немал правна основа, докази, агументи и факти, туку празни флоскули и субјективни констатации.
Тие ги отфрлија квалификациите за непрофесионалност на обвинителот, посочувајќи дека неговата професионалност ја потврдуваат и извештаите за 2013, 2014 и 2015 за работата на јавните обвинителства кои покажувале зголемен обем на решени пријави и истраги за кривични дела. Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со неаргументирано барање за разрешување му го уриваат интегритетот на Зврлевски како долгогодишен јавен обвинтел.