Министерство за локална самоуправа: Општините не ги исплаќаат обврските кон Центрите за развој

од Vladimir Zorba
174 прегледи

  Поголемиот број од општините кои што согласно Законот за рамномерен регионален развој се основачи на Центрите за развој на планските региони, не ги исплаќаат своите обврски за нивно кофинансирање, со што се доведува во прашање исплатата на плати за вработените и оддржливоста на Центрите, информираат од Министерството за локална самоуправа.

Информацијата велат на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу му ја соопштиле раководителите на осумте Центри за развој на планските региони.

– На состанокот на кој присуствуваше и државниот секретар, Кирил Парталов, раководителите на Центрите истакнаа дека проблемот е присутен со години, има општини кои од основањето до сега, во изминатите осум години, ниту еднаш не ја исполниле својата законска обврска за кофинансирање на Центрите, иако во истите општини се реализираат проекти од програмите за регионален равој со средства од централниот буџет, се вели во соопштението.

Во него се додава дека министерот Фазлиу истакнал дека вакви состојби нема да се толерираат во иднина и дека треба да се најде брзо решение кое што на Центрите ќе им обезбеди континуирано функционирање.

Државниот секретар Кирил Парталов посочил дека во правец на решавање на овие состојби е и решението во Програмата на Владата за менување на статусот на вработените во Центрите во државни службеници, како и менување на начинот на нивно финансирање. До ваквите решенија, рекол, ќе се дојде со законски измени со цел да се обезбеди системско решавање на проблемите.

Од Центрите било побарано да подготват информација до Министерството за локална самоуправа за нереализираните обврски на секоја општина одделно, како и предлози за можните начини на решавање на наталожените проблеми, врз основа на нивното искуство.

По согледување на вкупните состојби и предлозите на Центрите, Министерството за локална самоуправа, како што информираат оттаму, ќе пристапи кон долгорочно, системско решавање на прашањето за одржливо функционирање на Центрите за развој на планските региони.