Вицепремиерот Кочо Анѓушев ја искористи својата функција да си додели тендер сам на себе од неверојатни 2.6 милиони евра и тоа од ЕЛЕМ на својата фирма „Фероинвест“, обвини денеска повторно опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Анѓушев се откажа од својата плата во висина од околу 1.000 евра, но очигледно е дека своето домашно салдо го надоградува со милионски тендери и тоа во висина од 2.6 милиони евра. За да се оправда самиот себеси и криминалната врхушка се обидува да ја изманипулира македонската јавност со смешни образложенија дека тој не е управител на фирмата „Фероинвест“, туку дека управител е друго лице, а тој е само сопственик. Ова е скандал од огромни размери. Сите независни правни експерти го осудија вицепремиерот Анѓушев, кој додели тендер сам на себе во висина од 2.6 милиони евра“, рече денеска на прес-конференција Славчо Трпески член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува надлежното Јавно обвинителство да почне постапка за утврдување на кривична одговорност дали и под кои услови тендерот е доделен на фирмата „Фероинвест“ која е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев.