Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон ја започна работната недела во Њу Јорк остварувајќи средби со Македонската владина делегација која учествува на 72-то генерално собрание на Обединетите нации (ОН) и со специјалниот медијатор во преговорите за името на ОН, Метју Нимиц.

На средбата со Македонската владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, министерот без ресор назначен за дијаспората Едмунд Адеми, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и членови и советници на нивните кабинети, присуствуваа претседателот на OMD Методија А. Колоски, претставници и активни членови на ОМД.
Претседателот на ОМД, Методија А. Колоски, го отвори состанокот со прашања околу чувствителниот предлог закон за јазици во Македонија предложен од страна на владеачката коалиција и ја искористи оваа можност да го повтори добро познатиот став на ОМД дека за ОМД e неприфатливо се што задира по македонскиот устав, унитарноста, националните интереси, територијалниот интегритет на Република Македонија, како и можно креирање на бинационална држава наместо држава за македонците и сите малцинства со подеднакви права. ОМД побара подетално објаснување за новиот предлог закон за јазици и за неговата можна импликација, за што доби објаснување од премиерот Заев дека овој предлог закон претставува само последниот легален дел од законот за јазици донесен во 2008 и 2011 година и не задира по Уставот на Република Македонија. Во тој контекст, Колоски го постави прашањето за попис на населението во Република Македонија, на што премиерот Заев даде ветување дека ќе биде спроведен во 2019 година.
Последователно, Владимир Котевски, активен член на ОМД, побара подетално објаснување од владината делегација за Грчкиот проблем со нашето Уставно име и притоа го потенцира ставот на ОМД дека ОМД инсистира да се прекинат сите преговори за името земајќи го предвид фактот дека веќе 137 земји ја признаваат Република Македонија под нејзиното едно и единствено уставно име.
Котевски продолжи со повторување на критичниот став на ОМД за договорот со Бугарија, притоа потенцирајќи дека договори со соседните и други земји треба да се сведат на градење бизнис односи со што би се иницирала подобра економска слика за Македонија, меѓутоа ставот на ОМД е дека такви и било какви други договори не смеат да бидат штетни на интегритетот на државата и заштитата на правата на македонските малцинства во тие држави.
Претседателот Колоски се надоврза со потенцирање на ставот на ОМД за НАТО и Европска интеграција на Македонија, со посебен нагласок дека владата на Република Македонија не треба да дозволи влезот во НАТО и ЕУ да биде проследен со услов за промена на име.
Колоски побара да се отвори министрество за дијаспора и уште еднаш повика за вклучување на ОМД во процесот на градење на национална стратегија кон интегрирањето на дијаспората во унапредување на Република Македонија на политички и социо економски план.
Во низата на состаноци што ги одржа во изминатите три дена, претседателот на ОМД, Колоски, оствари средба и со специјалниот медијатор во преговорите за името на ОН, Метју Нимиц. На средбата Колоски уште еднаш го повтори ставот на ОМД дека преговорите за името мора да се прекинат, повторно нагласувајќи дека 137 земји веќе ја имаат признато Македонија под своето уставно име. На овој состанок, ОМД потенцира уште еднаш дека не го прифаќа ставот на двете најголеми Македонски политички партии за референдум за името на Република Македонија, притоа истакнувајќи дека Владата на Република Македонија има мандат да се придржува до Уставот на Република Македонија во целост, а според истиот не постои никакво отворено прашање околу желбата и одлучноста на народот за името на својата држава – Република Македонија.