
Партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците до Управниот суд достави кривична пријава против предизборната коалиција “Алијанса за Албанците НДП- Унитети“ поради спорот за употреба на исто име и амблем на избирачките листи. Ова за Алсат М го потврди адвокатот на партијата на Села, Халил Фетаи. Управниот суд има рок од 48 часа од моментот на доставување на пријавата да ја разгледа и да даде мислење за неа. Од друга страна, Весел Мемеди од НДП вели дека нема да се откаже од името, бојата и логото на партијата и повтори оти на локалните избори ќе настапат со истиот симбол. Пред некој ден партијата на Села и од ДИК побара да го разгледа ова прашање, но оттаму рекоа дека тоа не е во нивна надлежност. Од ДИК велат дека за нив именувањето од двете страни со исто име не претставува правна пречка и оти за ДИК тоа е прифатливо. Инаку, партијата Алијансата за Албанците на Зијадин Села е регистрирана на 7 септември 2017, со адреса воТетово, додека коалицијата Алијанса за Албанците е регистрирана на седум денови подоцна, односно на 14 септември со адреса во Чаир. Инаку, на ланските парламентарни избори, ДР-ДПА, НДП и УНИТЕТИ настапија заедно како предизборна коалиција со името Алијанса за Албанците и успеаја да обезбедат само три пратенички места. Предизборната кампања за претстојните локални избори почнува в понеделник, а ќе трае до 13 октомври. Првиот круг е на 15 истиот месец, а вториот круг на 29 октомври.