Техничка и експертска помош, искуство во областа на директните плаќања за земјоделство и јакнење на административниот капацитет на Платежната агенција, е подготвена да и даде Словенија на Македонија, рече директорот на Агенцијата за земјоделска трговија и рурален развој на Република Словенија Бенедикт Јеранко на денешната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Македонската Платежна агенција е подготвена за соработка со словенечката агенција и за искористување на искуствата како во делот на директните плаќања, така и во процесот на поголема искористеност на парите од европските фондови.
– Соработката со Словенија е од исклучителна важност за развојот на македонското земјоделство, бидејќи Словенија важи за еден од поефикасните корисници на финансиските средства од европските фондови за рурален развој. Искуствата од Словенија како и понудената експертска помош, се важни за поголема апсорпција на парите од ИПАРД Програмата, оцени Николовски.
Според него, со Владата на Република Словенија е веќе договорена соработка во делот на јакнење на капацитетите и функционирањето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и помош во јакнење на советодавните служби како што е Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
– Во следниот период е предвидено е да дојдат експерти од Словенија, кои ќе понудат техничка поддршка, со цел да се усоврши нивото на советодавната служба во областа на земјоделството во Македонија, што е важно за правилна едукација на земјоделците и за целокупниот развој на земјоделството, информира Министерството за земјоделство.
На средбата Николовски – Јеранко присутвуваа и амбасадорот на Република Словенија Милан Јазбец, како и директорот на македонската Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николчо Бабовски.