Новата ера ќе донесе 150 илјади нови работни места во Македонија во наредната декада и пад на невработеноста под 10 проценти, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва на митингот во Делчево.
– Кога можевме да ја намалиме од без малку 40 проценти на 22,6 проценти, како што можевме во минатата декада да ја зголемиме вработеноста од 560 илјади вработени на 733 илјади, значи бројот на вработени се зголеми за 173 илјади нови работни места, ќе можеме и наредната декада да ја смалиме невработеноста од 22 на 10 проценти и да отвориме најмалку 150 илјади нови работни места. Нова ера на 2,5 пати повисок приход по жител, односно од пет на 12 илјади долари просечно по глава на жител. Нова ера на најниски даноци. Поголеми плати, пензии субвенции, истакна Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред делчевци рече дека предвидуваат отпис на долгови за социјално загрозените семејства.
– Во сите општини во кои ќе победат градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе извршиме еднократен отпис на достасани долгови за вода и ѓубретарина заклучно со 30.09.2017 година, за граѓани од социјално загрозени семејства, изјави Груевски.
Пред присутните на митингот се обрати и кандидатот за градоначалник на Делчево од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Соколов.
На митингот беа претставени и кандидатите за советници во општинскиот совет, а свое обраќање имаше и носителот на листата Сашко Ивановски.
Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска оствари средби со граѓани во Македонска Каменица и Пехчево и одржа митинг во Берово.