Канонадата од информации и дезинформации околу судбината на ФЕНИ Индустри, што ја потресуваше јавноста во изминатите недели, конечно доби завршница. ФЕНИ дефинитивно оди во стечај и досегашниот сопственик, ИМР(International Mineral Resources) позади кој стојат казахстански сопственици, е разоткриен како и нивниот обид да го искористат наводниот бугарски инвеститор Енекод како параван за лесен излез и покритие за сите свои нелегални активности со цел незаконски одлив на капитал во лична корист кои го одведоа ФЕНИ Индустри во стечај.
И покрај притисокот под кој се најде Владата на РМ, конкретно економскиот сектор предводен од Вице Премиерот за Економија Кочо Анѓушев, земајќи предвид дека сé се случуваше во период на избори, Владата не прифати лажни краткорочни решенија кои само би преставувале одложување на проблемот со ФЕНИ, и станува извесно дека раководството на ФЕНИ Индустри и сопственикот ИМР сепак мора да ја понесе одговорноста, вклучително и кривична одговорност за ваквиот исход.
Веќе вчера на брифинг во Владата на РМ, организиран од страна на вице премиерот Анѓушев на кој беа присутни и банките Комерцијална, Стопанска и Силк Роуд Банка кои воедно се најголеми кредитори на ФЕНИ на кои му се должи 40 милиони УСД , а уште 20 милиони УСД на други доверители, тие информираа дека покренале стечајна постапка, при што објаснија дека тоа не значи стопирање на фабриката за банките да си ги наплатат долговите, туку простор да се најде силен инвеститор кој навистина ќе може да ја превземе обврската и да и овозможи трајно работење на фабриката.
Од сé она што и е досега познато на јавноста од различни извори, а најмногу од самите вработени кои веќе подолг период алармираат за состојбите во ФЕНИ, раководството на фабриката во изминатите две години, не вложиле ниту еден долар во фабриката, напротив систематски го распродавале имотот и опремата на фабриката за сопствен бенефит. Истото вчера го потврди и Хари Костов, Главниот Извршен Директор на Комерцијална Банка, кој истакна дека казахстанските газди станале мнозински сопственици на Кунико Рисорсис (Cunico Resources) во чии рамки е и ФЕНИ Индустри под услов во 2016год. да вложат 68 милиони УСД, средства од кои ФЕНИ Индустри ќе може да ги сервисира долговите. Но напротив раководството не искористило ни долар од овие средства туку ги трошеле резервите и залихите, вклучително и оние што биле под залог кај банките без нивна согласност што е кривично дело, а откако истекла важноста на влогот и откако ги потрошиле сите залихи на суровини и материјали, престанале да ги подмируваат долговите спрема доверителите, што беше исто така потврдено и од преставникот на Силк Роуд Банка.
Дознаваме дека Владата, сега веќе добро запозната со ваквите состојби, како и бројни други незаконитости што се утврдени според наодите на финансиска полиција и УЈП, меѓу кои и недоставувањето на годишна сметка што е законска обврска на компаниите, а како што нагласи Вице Премиерот Анѓушев „дека некој тоа го толерирал“, ќе превземе соодветни правни дејствија за кривично гонење на раководството и сопствениците во Македонија, но и во Холандија каде што е регистрирана групацијата Кунико Рисорсис во чија сопственост е ФЕНИ Индустри.
Исто така дознаваме дека Кунико Рисорсис, и покрај тоа што практично целиот имот на фабриката ФЕНИ е под залог кај македонските банки, направиле уште еден, двоен залог на фабриката во интерес на меѓународниот трговец со берзански стоки Трафигура, со што подигнале огромни милионски суми во своја корист, а притоа овој залог воопшто не го регистрирале во Македонија, во обид да ја скријат пред банките вистинската состојба во која се наоѓа ФЕНИ Индустри, а што е причина повеќе за кривична одговорност. Извесно е дека слични шеми се користени и со другите подружници на Кунико Ресурсис, меѓу кои е и фабриката за фероникел во Косово и кои најверојатно ќе ја споделат истата судбина со ФЕНИ Индустри.
Најновите информации се и дека неодамна, со цел да оневозможат банките и другите добавувачи и кредитори да ги остварат своите доверителски права, Кунико ги продал рудниците во Гватемала, кои се практички единствен извор за руда на ФЕНИ и косовската фабрика, на компанијата ТЕЛФ, која е истотака во сопственост на истите газди од Казахстан. Имаме сознанија дека Владата на РМ е запознаена со сите овие криминални дејствија на раководство на ФЕНИ, на Кунико Ресурсис и сопствениците ИМР и ќе покрене кривични постапки во и вон државата, во сите предметни јурисдикции, сé со цел да се заштитат севкупните интереси на ФЕНИ Индустри и на доверителите, меѓу кои секако се и вработените во фабриката. Притоа, на вчерашниот брифинг истотака беше истакнато дека банките работат активно и посветено на изнаоѓање брзо, но и трајно и сигурно решение, што ќе обезбеди светла иднина на ФЕНИ Индустри и сите засегнати страни, а Владата ќе ја превземе обврската на олеснувач на процесот, се со цел да се заштитат интересите на вработените, банките и сите останати доверители, имајќи предвид дека пропаѓањето на ФЕНИ може да биде сериозен удар за македонската економија.
Во текот на вчерашниот ден, на прес излегол и претседателот на синдикалната организација на ФЕНИ Индустри, Ѓоре Палитов, кого во изминатите година и повеќе, вработените неколку пати во медиумите го посочуваа како продолжена рака на раководството на ФЕНИ и виновник за непревземање никакви дејствија за заштита на работничките права додека раководството ја раскрчмувало фабриката, им ги кратела платите на вработените и ги бркале од работа гласноговорниците на овие состојби. Симптоматично е тоа што Палитов во неговите изјави се става во функција на застапник на бугарскиот Енекод, за кој е повеќе од јасно дека апсолутно нема капацитет да сервисира фабрика како ФЕНИ Индустри, но и дека истата требало само да послужи како краткорочна отстапница на казахстанските газди и менаџментот поставен од нив, со цел да избегнат одговорност за нивните криминални дејствија кои го доведоа ФЕНИ до стечај.
Од севкупните информации и вчерашниот брифинг очигледно е дека казахстанските сопственици и одговорниот менаџмент намерно, а во личен интерес нанеле сериозни штети не само на ФЕНИ Индустри, туку на целокупната македонска економија, имајќи ги предвид штетите нанесени на сите доверители, а притоа се служеле со манипулации и обвиненија на разни страни, па дури злоупотребувајќи го и изборниот период и процес, за што ќе морат да се соочат со законската одговорност.