Богоев: Вработени во општината не доаѓале на работа, а земале плата

од desk2
61 прегледи

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, рече дека на 42 вработени им престанал договорот за вработување, но притоа, како што истакна тој, не станува збор за политички реваншизам.

-По прецизен преглед на вработените во Општината, констатиравме дека има вработени кои примаат плата, а воопшто не оделе на работа. Исто така, има вработени кои работеле во одделенија каде што имало превработеност. За илустрација, морам да направам споредба со Општината Аеродром, и да истакнам дека во таа општина има помалку вработени отколку кај нас во Карпош, а има повеќе жители. Општина Карпош има преку 400-тини вработени, и е локална самоуправа, меѓу првите со најголема вработеност во Република Македонија“, рече Богоев.

Тој на денешната средба со новинарите рече посебно ќе се осврне на проблемот со загадувањето, кое координирано ќе се решава со Градот Скопје и со Министерството за животна средина.

-Немаме намера да имаме дисконтинуитет во позитивните активности кои и досега се спроведувале во општината, како што се сите хуманитарни, спортски и други активности по повод Денот на општината, но и други кои се спроведуваат со усвоените програми. Во соработка со граѓаните ќе ги решаваме проблемите и забелешките со урбанистичките планови кои тие ги имаат и каде што е можно според закон ќе се интервенира, но тоа не значи дека Општината ќе остане во состојба „статус кво“. Во Карпош паркирањето и натаму ќе биде бесплатно, но ќе градиме и еко-паркинзи, паркови за миленичиња и сл.“, рече Богоев.

Тој додаде дека во иднина ќе бидат изградени три реонски базени во некои од основните училишта кои се наоѓаат на територијата на општина Карпош, еко-паркинзи во оние населби каде што има најголем проблем со паркирањето, голем повеќенаменски парк на Кејот на реката Вардар, изградба на рекреативен центар за пензионери и пензионерски дом во населбата Злокуќани, воведување на картичката „ Мој Карпош“.

Првиот човек на општина Карпош истакна дека општината ќе се урбанизира во оние делови каде што има простор, односно каде што не е населено или во понеразвиените делови, како што се Касарната Илинден, делови од Бардовци, Злокуќани и Зајчев Рид.

Богоев напомена дека инспектори вработени во Општина Карпош постојано се на терен на локацииите каде што се гради на територијата на локалната самоуправа да ги контролираат градежните активности и почитувањето на прописите при градење.