Саудиска Арабија свика итен состанок на Арапската лига

од Vladimir Zorba
99 прегледи

  Министрите за надворешни работи на земјите членки на Арапската лига ќе се сретнат в недела во Каиро на итен состанок кој го свика Саудиска Арабија.

Состанокот доаѓа по најновото влошување на регионалната безбедност, откако Саудиска Арабија го обвини Иран за мешање во внатрешните работи на Либан и издејствува оставка на либанскиот премиер Сад Харири.

Либанскиот премиер Саад Харири, кој се наоѓа во Саудиска Арабија, вечерва изјави дека е слободен, демантирајќи ги со тоа тврдењата дека саудиските власти го држат во куќен притвор во обид да ја поткопаат коалициската Влада на Либан во која учествува и проиранската шиитска Божја партија (Хезболах).

– Слободен сум, изјави Харири во интервју за Либанската телевизија емитувано во живо, најавувајќи дека во текот на „следниве денови“ ќе се врати во Либан.

Ова е прво интервју на Харири откако минатиот викенд од Ријад објави дека поднесува оставка на премиерската функција. 

Харири во денешното интервју изјави дека се решил да поднесе оставка со цел „да ја спаси земјата од непосредна опасност“, без да прецизира детали за каква опасност станува збор.

При објавувањето на својата оставка на 4 ноември, како што јави МИА,  Харири го обвини Иран дека се обидува „да го присвои” Либан и дека се меша во односите меѓу арапските држави, апелирајќи, како што рече, за „укинување на иранското оружје“ во регионот на Блискиот Исток.

Тој тогаш оцени дека сегашната политичка клима во Либан потсетува на онаа од времето кога беше убиен неговиот татко Рафик Харири и дека се плаши оти постои и заговор и за негово убиство.

Таткото на Саад Харири, Рефик Харири, кој беше премиер на Либан во два наврати, од 1992 до 1998 и од 2000 до 2004 година, беше убиен во февруари 2005 година при самоубиствен бомбашки напад во хотел во Бејрут.

Неколкумина либански претставници изминатава недела оценија дека оставката на Харири не може да биде прифатена, затоа што е дадена во Саудиска Арабија и апелираа до него да се врати во Либан.

 

Саудиска Арабија воедно го обвинува Иран за неодамнешниот обид за ракетен напад врз саудискиот главен град, кога проектил истрелан од шиитска територија во Јемен беше пресретнат на пат кон Ријад.

Според Саудиска Арабија, Иран е одговорен и за пожарот во нафтовод во Бахреин во петокот.