Жбогар: ЕУ сака да види посветеност на владата во реформите

од desk2
69 прегледи

„Процесот на реформи во Македонија продолжува. Тоа што ние како Европска унија сакаме да го видиме е да постои посветеност не само од страна на Владата за продолжување на реформите, туку и од Собранието и од политичките партии“, изјави денеска во Куманово евроамбасадорот Самуел Жбогар на средбата со градоначалникот на општината Максим Димитриевски.

„Во ЕУ се радуваме на продолжувањето на процесот на реформи. Се разбира дека треба од самите државни институции да има испорачување резултати, и ако институциите продолжат со испорачување на овие резултати, се разбира дека тоа ќе има позитивен ефект врз самите односи помеѓу ЕУ и земјата следната година“, изјави Жбогар.

Тој додаде дека за да се реализираат реформите потребно е да се има соработка помеѓу сите политички чинители и дека тоа е од огромна важност.

„Во тој контекст гледаме соработка помеѓу Владата и опозицијата, т.е. партиите во самото Собрание и ние како Европска унија го охрабруваме овој процес и се надеваме дека овој вид соработка помеѓу политичките партии во самото Собрание ќе продолжи во иднина и ќе даде резултати“, рече Жбогар.

Тој посочи дека согласно планот на Владата 3-6-9, неколку закони веќе се усвоени во Собранието, а исто така постои јасен план како институциите да се справат со прислушуваните материјали и самата опрема која веќе постои во рамки на УБК, а постои и план за давање јавен оглас за пополнување на работни места во самите независни институциии.