МЕПСО ќе гради нов далновод од Штип до Пробиштип

од desk2
140 прегледи

МЕПСО ќе гради нов далековод од Штип до Пробиштип. Со овој проект МЕПСО започнува процес на реконструкција на шест 110 киловолтни далеководи, инвестициски циклус вреден над 21 милион евра.

МЕПСО ќе инвестира 2,45 милиони евра во изградба на нов 110 киловолтен далековод што ќе ги поврзува Штип и Пробиштип. По тој повод денеска Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО и Ерион Муши, претставник на конзорциумот изведувачи „Пинг гао груп“ од Кина и „Ндрекај“ од Албанија го потпишаа договорот за изградба на новиот далновод.

Далноводот што ќе ги поврзе трансформаторските станици „Штип“ и „Пробиштип“ ќе биде долг 27,2 километри и ќе биде поставен на 111 челично-решеткасти столбови.

Овој линиски енергетски објект ќе се гради на истата траса на која сега поминува 110 kV далекувод што ги поврзува двете трансформаторски станици и е во функција 45 години, од 1972 година. Изградбата на новиот далековод ќе трае 12 месеци.

Овој проект значајно ќе ја зголеми доверливоста и капацитетот на преносната мрежа во источниот регион, а особено е значајно подобрувањето на условите за снабдување со квалитетна електрична енергија за Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива паланка.

Изградбата на нов далековод меѓу Штип и Пробиштип е дел од проектот за ревитализација на преносната мрежа што опфаќа изградба на вкупно шест далеководи од мрежата на МЕПСО. Со овој процес се опфатени и следниве 110 киловолтни далеководи помеѓу трансформаторските станици: Битола 1 – Прилеп 1, Скопје 1 – Миладиновци, Скопје 4 – Велес, Велес – Овче Поле и Штип – Овче Поле.

Сите нови далеководи ќе бидат поставени на челично-решеткасти столбови што ќе ги заменат старите армирано-бетонски столбови стари повеќе од 50 години. Вкупно ќе бидат изградени околу 170 километри нови далеководи. Во овој инвестициски циклус ќе бидат вложени над 20 милиони евра од кои дел се сопствени средства на МЕПСО и дел се заем од Европската банка за обнова и развој.